Во езеро во САД откриен литиум доволен за производство на 375 милиони електрични батерии

Во езеро во САД откриен литиум доволен за производство на 375 милиони електрични батерии

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Американското Министерство за енергетика неодамна претстави резултати од опсежна анализа спроведена од лабораторијата „Лоренс Беркли“, откривајќи големо количество литиум под Солтонското Море. Станува збор за плитко солено море во Јужна Калифорнија.

Се проценува дека подземниот резервоар со топла солена вода содржи доволно литиум за производство на дури 375 милиони батерии за електрични возила. Ова е едно од најголемите наоѓалишта на литиум во солена вода во светот и се очекува да направи големи промени во индустријата за производство на литиум.

Досега Солтонското Море имало лоша репутација како центар на еколошка катастрофа, чести суши, топлотни бранови и масовен помор на риби. Но сега тоа ќе се смени. Езерото станува фокусна точка за екстракција на литиум од геотермална солена вода.


Освен тоа, се проценува дека областа со геотермални извори ќе го зголеми капацитетот за производство на геотермална електрична енергија од 400 мегавати на 2.950 мегавати.

Резервоарот на литиум би можел да ги задоволува потребите на САД и на други земји, но извлекувањето на овој ресурс нема да биде лесна задача. Компании работат на технологии за директна екстракција на литиум од солена вода, што е поеколошки од сегашните штетни практики. Затоа, ќе биде потребно време овој проект да даде резултати.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Wikipedia