Младите аматери во пресекот помеѓу УКЛО Колорс, Народна техника и КВК студио „Милтон Манаки“ - Битола

Младите аматери во пресекот помеѓу УКЛО Колорс, Народна техника и КВК студио „Милтон Манаки“ - Битола

Во рамките на иницијативата #COLOURSjuniors, со која УКЛО ја инспирира Алијансата КОЛОРС со креативни начини на соработка со младите основци и средношколци, на нивниот пат кон откривање и унапредување на своите потенцијали, годинава се случи и националната кампања „Корени и крилја - Европска диплома дома“, која имаше извонреден успех. Прекрасните литературни и ликовни творби најдоа свое место во брошура, а пак аудиовизуелните во аматерски документарен филм. 

И во двете збирки на УКЛО КОЛОРС свој експертски придонес даде директорката на Народна техника - Битола, Сузана Елковска, која заедно со претседателот на Кино-видеоклубот студио „Милтон Манаки“ од Битола, Стефан Хаџиандоновски, оствари средба во Ректоратот на УКЛО, по повод Светскиот ден на науката, овој месец. 

1

Заедничката нишка со #COLOURSjuniors беше како во промотивното видео за кампањата, така и во последното учество на подмладокот на УКЛО-ФМ, радиоводителката Ноела Нечкоска, на фестивалот КАМЕРА 300, на кој минатата година беше добитник и на Гран при наградата за филмот „Формула на љубовта“. Годинава таа поднесе кратко видео од безмалку 2 минути кое објаснува научен концепт (пристап Science4Reel) - Синдром на скршено срце, во рил формат, на интересен и забавен начин, на јазикот на младата публика. Видеото е снимено со учесниците на Летната школа на науката што се одржува во Црна Гора. Организаторите на фестивалот, поттикнати од овој учесник, искажаа спремност, за следната година, а со цел привлекување млади во аматерскиот филм, да воспостават специјална категорија во програмата што би била наречена Младински филм, или Рилс.

Покрај тековната соработка, во присуство на академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, одговорната за односи со јавност м-р Елизабета А. Атанасоска и главната уредничка на УКЛО ФМ, м-р Соња Тантарова-Груеска, беа и КОЛОРС студентките - Ева Нешкоска, Наталија Василевска и Стојанка Ќупчева. Тие, пред гостите-експерти и организатори на Интернационалниот фестивал за аматерски филмови КАМЕРА 300 гордо го прикажаа УКЛО КОЛОРС студентскиот магазин, како и својот серијал на видеоинтервјуа за промоција на сите факултети на УКЛО и добија мал час по видеографија и добри впечатоци за изработеното. 

На работната средба се направи нацрт-план за обуки на студентите во организација на Народна техника, за камера, сценарио и фотографија, што е уште еден начин за градење компетенции и трајни вредности кај младите, што произлегува од оваа соработка.

2

Гостите од Народна техника - Битола донесоа и публикација од последниот фестивал, каде што покрај краткиот филм кој доби специјална награда, во официјалната селекција беше поместен и аматерскиот документарец „Корени и крилја - Европска диплома дома“, со аудиовизуелните креации од конкурсот. Овој филм, кој претставува уште еден придонес од УКЛО и УКЛО-ФМ за 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, премиерно ќе биде прикажан по повод патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола во декември годинава. 

Пораката од УКЛО КОЛОРС е искрена: нашите млади - нашите деца чии родители сме ние и нашите студенти чии ментори сме ние, добиваат повеќекратно ако ние, возрасните, нивното проширено семејство, заедно ги откриваме и негуваме нивните потенцијали. А како поубаво ако не преку креативниот израз и исказ!

(Комерцијална објава)