Овој град во ноември бил постуден од Марс
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Најголемиот град во сојузната држава Минесота во САД минатиот месец кратко време беше постуден од Марс.
Кон крајот на ноември екстремно студениот бран во Минеаполис ги намали температурите за околу 10 степени под историскиот просек, објаснува метеорологот на „Акјуведр“, Брајан Лада. Дневните температури се движеле меѓу -4 и -2 Целзиусови степени, што е најстудениот период уште од февруари.
На Марс, која е оддалечена околу 362 милиони километри од Земјата, во исто време роверот „Кјуриосити“ на НАСА измерил дневна температура од околу -1 Целзиусов степен.
Но, ситуацијата драстично се менува по зајдисонце. Додека вечерните температури во Минеаполис паѓале меѓу -10 и -5 степени, на Марс минималните вредности достигнувале до околу -73 Целзиусови степени.
- Тоа е потсетник дека дури и кога попладневните температури изгледаат слично, Марс сепак е сосема поинаков свет - вели Лада.
Зошто Марс е толку студен?
Марс е значително подалеку од Сонцето отколку Земјата и има исклучително ретка атмосфера што не може ефикасно да ја задржува топлината, наведуваат од НАСА.
Додека Земјата се движи во орбита од околу 149,6 милиони километри од Сонцето, Марс е оддалечен приближно 228,5 милиони километри.
Иако атмосферата на Земјата е релативно тенка, сепак е многу погуста од атмосферата на Марс. Атмосферскиот притисок на Марс изнесува околу еден отсто од оној на површината на Земјата, според податоците на центарот „Ерт обсерватори“ на НАСА.
Поради ова, температурите на Марс можат да паднат и до околу -143 Целзиусови степени - ниво на студ што е непогодно за живот. Дури и на Земјата човек може да замрзне на температури нешто над нулата, поточно над 0 степени, што е точката на мрзнење на водата.
Насобраната топлина на Марс многу брзо исчезнува по зајдисонце бидејќи во атмосферата нема значајна количина водена пареа, додава Лада. И покрај тоа, Марс има низа временски појави слични на оние на Земјата. И двете планети имаат годишни времиња, силни ветрови, облаци и бури со електрични празнења.
Облаците на Марс најверојатно се составени од ледени кристали вода, но поради екстремниот студ, не создаваат дожд.
Роверот „Кјуриосити“ ги следи временските услови на Марс уште од своето слетување во кратерот Гејл во 2012 година. Кратерот се наоѓа на јужната хемисфера, во близина на екваторот.
На 1 декември дневната температура во кратерот достигнала околу -4 степени, додека ноќната се спуштила до околу -71 степен.
Извор:
Nova.rs
Фото: Screenshot/YouTube