„Парамаунт“ во обид за „насилно преземање“ на „Ворнер брос“: Нудиме повеќе од „Нетфликс“

„Парамаунт“ во обид за „насилно преземање“ на „Ворнер брос“: Нудиме повеќе од „Нетфликс“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Парамаунт скајденс“ ги зголеми влоговите во борбата за филмските и ТВ-студијата и стриминг-платформата на „Ворнер брос“, нудејќи 108,4 милијарди долари - понуда што целосно го засени „Нетфликс“.

„Нетфликс“ во петокот објави дека постигнал договор со „Ворнер брос дискавери“ за купување на филмските и ТВ-студијата, вклучувајќи ја и платформата „Ејч-би-о макс“, за 72 милијарди долари.

Аналитичарите сметаат дека „Нетфликс“ на подолг рок сака да си обезбеди сопствени права на најпопуларните серии и филмови, со што би го намалил нарачувањето содржини од надворешни студија. Истовремено, компанијата се проширува во видеоигри и бара нови извори на раст, по неуспешните обиди за спречување на споделувањето на лозинките.

Управата на „Ворнер брос“ ја прифати понудата на „Нетфликс“ и се чинеше дека овој стриминг-гигант конечно ќе го добие натпреварот со „Парамаунт“ и „Комкаст“.

Но, „Парамаунт“ ја изненади јавноста нудејќи им на акционерите на „Ворнер брос“ 30 долари по акција во готовина, што е два долари повеќе од понудата на „Нетфликс“, кој понуди комбинација од акции и готовина.

Од „Парамаунт“ соопштија дека во последните 12 недели доставиле шест предлози, но „Ворнер брос дискавери“ не ги разгледал темелно.

Стравувања за работните места


Компанијата уште од септември испраќала повеќе понуди во обид да обезбеди водечка позиција во забавната индустрија и поуспешно да се натпреварува со „Нетфликс“ и технолошките гиганти како „Епл“, но сите биле одбиени.

„Парамаунт“ и понатаму има углед на повеќедецениско холивудски студио, но не бележи значајни резултати во киноблагајните, со само повремени успеси на одредени франшизи и долги периоди на заостанување зад „Дизни“, „Јуниверзал“ и „Ворнер брос“ на американскиот пазар.

Исто така, понудата на „Парамаунт“ би можела да се најде под лупа на регулаторите бидејќи спојувањето со „Ворнер брос“ би ја зацврстило неговата доминантна позиција во продукцијата на филмови и серии, а дополнително се појавуваат и стравувања за можни кратења на работните места.

Извор: CNN 
Фото: Screenshot/YouTube