Taнчарски колк - симптоми и третман

Taнчарски колк - симптоми и третман

Секој понекогаш може да го искуси феноменот на крцање или пукање на зглобовите. Обично ова не е и не треба да биде загрижувачка состојба. Доколку и вие ја искусите оваа состојба, ќе слушнете или почувствувате крцкање речиси секојпат кога ќе направите движење во колкот, но не грижете се. Ќе објасниме малку подетално за што станува збор.

Дефиниција и етиологија

Синдромот на крцкање на колкот (танчарски колк или coxa saltans) е клиничка состојба која се карактеризира со звучно чувство на крцкање, кое се слуша при движењето на зглобот на колкот. Ова е најчесто феномен на прекумерна употреба, но може да биде предизвикан од траума, вклучувајќи интрамускулна инјекција во gluteus maximus и слични состојби и други хируршки процедури. Приближно 5-10 % од населението е засегнато од оваа состојба, при што мнозинството доживува безболно крцкање. Други анатомски варијации може да предиспонираат, вклучувајќи зголемено растојание помеѓу големите трохантери, истакнати големи трохантери и тесна биилијачна ширина. Дополнително, стегањето на илиотибијалната лента (tractus illiotibialis), пократките должини на мускулите или тетивите, стегањето на мускулите или несоодветната релаксација на мускулите, може да придонесат за развој исто така. Понекогаш, воопшто не се открива етиологијата, односно причината е идиопатска.

Епидемиологија

Оваа состојба е особено честа кај спортистите и танчарите во тинејџерските години. Зошто баш во овој тинејџерски период? Во тој период тие се доста физички активни, во зависност од тоа за кој вид спорт се работи, и прават одредени репетитивни движења, што консекутивно може да води до појава на оваа состојба.

Симптоми

• чувство на крцкање во и околу зглобот на колкот;
• може да биде болно или безболно;
• пациентот често може да сам да репродуцира крцкање;
• интензивирано при одредена активност;
• чувство на кликање или заклучување.

Физикален преглед

Анамнезата и физикалниот преглед честопати можат да помогнат во одредувањето на точниот анатомски регион на крцкањето. Пациентот може да ја покаже областа што е болна, па дури и може да го рекреира крцкањето. Симптомите се развиваат и се зголемуваат во текот на подолг временски период, обично од неколку месеци до години.

Примената на конзервативен vs oперативен третман

Доколку не може да се дијагностицира врз основа на анамнеза и физикален преглед, може да се користат имиџинг-методите за да се исклучи друга патологија на колкот и воедно да се потврди клиничката дијагноза.

Обичните рендгенски снимки, во принцип, се од мала корист. Сепак, тие треба да се направат за да се исклучат анатомски варијации, развојна дисплазија или друга патологија на колкот. Кога болката НЕ е присутна, третманот НЕ е оправдан. Кога болката е присутна при крцкање, почетниот третман е секогаш конзервативен и се состои од одмор, истегнување, стероидни инјекции, орални антиинфламаторни лекови, физикална терапија и модификација на активноста. Во поголемиот дел од времето пациентите доживуваат олеснување со овие мерки.

Доколку болката продолжи и покрај овие конзервативни мерки, може да се разгледа и одредена хируршка интервенција. Олабавувањето на илиотибијалниот тракт е обично целта и може да се постигне со отворени или артроскопски процедури. Се продолжува или целосно се ослободува со користење различни процедури, вклучувајќи формално Z-издолжување, крстовидно ослободување, Z-облик на ослободување или глутеус максимус ослободување. Слабоста при абдукција може да биде компликација ако ослободувањето е прекумерно или има оштетување на околната област.

Резиме

• Coxa saltans е состојба која се карактеризира со чувство на крцкање;
• Дијагнозата генерално се поставува клинички и со помош на имиџинг-методите;
• Лекувањето може да биде неоперативно или оперативно, во зависност од специфичната причина за крцкањето и  времетраењето на oваа симптоматологија.

Автор: Корнелија Ѓорѓиеска, специјалист по ортопедска хирургија