Зошто некои луѓе не можат да го „исклучат“ својот ум ноќе

Зошто некои луѓе не можат да го „исклучат“ својот ум ноќе

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Австралиските истражувачи пронајдоа убедливи докази дека несоницата може да биде поврзана со нарушувања во природниот 24-часовен ритам на ментална активност на мозокот, фокусирајќи се на причината зошто некои луѓе се борат да го „исклучат“ умот ноќе.

Студијата предводена од Универзитетот во Јужна Австралија е првата што мапира како се менува когнитивната активност во текот на денот кај лица со хронична несоница, во споредба со здравите лица што спијат во текот на ноќта.

Несоницата влијае врз околу 10 % од населението и до 33 % од постарите возрасни лица, при што многумина пријавуваат хиперактивна работа на умот ноќе, појава уште наречена „тркачки“ ум. Истражувачите испитувале дали неможноста за намалување на менталната активност ноќе (белег на несоницата) - ги одразува основните абнормалности на циркадијалниот ритам.

Под строго контролирани лабораториски услови, 32 постари возрасни лица биле следени (16 со несоница и 16 здрави спијачи) во текот на 24 часа. Овој пристап ги елиминирал еколошките и бихевиоралните знаци, дозволувајќи им на научниците да ги изолираат внатрешните ритми на мозокот. Учесниците останале будни во слабо осветлена соба, в кревет, со внимателно контролирана храна и активност. Тие пополнувале контролни листи на секој час, проценувајќи ги тонот, квалитетот и контролата на нивните мисли.

И здравите индивидуи и оние што страдале од несоница покажале јасни циркадијални обрасци во менталната активност, со највисоко ниво регистрирано во попладневните часови и падови во раните утрински часови.

Сепак, се појавиле неколку клучни разлики во групата со несоница.

- За разлика од оние што добро спијат, чија когнитивна состојба се менуваше предвидливо, односно од ангажираност во дневниот период до ноќно смирување, кај оние со несоница не беше забележано спуштање на нивото на менталната активност. Нивните обрасци на размислување останаа повеќе „дневни“ во ноќните часови, кога мозокот треба да се смирува - вели водечкиот истражувач, професорот Курт Лушингтон.

Тоа укажува дека нивните внатрешни часовници може да поттикнат будно размислување до доцна во ноќта.

-Спиењето не е само затворање на очите. Станува збор за мозокот кој се одвојува од целно насочената мисла и емоционалната вклученост. Нашата студија покажува дека кај несоницата, ова одвојување е забавено и одложено, веројатно поради абнормалности на циркадијалниот ритам. Ова значи дека мозокот не прима силни сигнали за „испуштање“ на енергијата ноќе - вели проф. Лушингтон.

Коавторот, професорката Џил Доријан, вели дека наодите истакнуваат нови можности за третман на несоници, како што се интервенции кои ги зајакнуваат циркадијалните ритми.

- Тие вклучуваат временско изложување на светлина и структурирани дневни рутини, кои можат да ја вратат природната варијација на денот и ноќта во обрасците на размислување. Вежбањето внимателност и фокус може да помогне и во смирувањето на умот ноќе - вели проф. Доријан.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik