Намирници што нутриционистите никогаш не ги јадат

Намирници што нутриционистите никогаш не ги јадат

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога станува збор за исхраната, може да се земат примери од различни луѓе, а големи се шансите дека тие ќе се разликуваат. Како изгледа реалната здрава исхрана? Нутриционистите ги набројуваат намирниците и оброците што никогаш не ги јадат.

Житарици

Нутриционистот Жизела Бувиер вели дека не им забранува намирници на своите клиенти, но им кажува што таа никогаш не би јадела, а тоа се житариците што имаат многу јаглехидрати, а речиси воопшто немаат протеини и здрави масти. Многу житарици, особено оние за деца, имаат додадени шеќери и немаат влакна.

Бувиер додава дека овие житарици најчесто погрешно се продаваат како здрави. Наместо житарици, таа препорачува јадење овесна каша или леб со цели зрна.


Фото: Pixabay

Замрзнати „диетални“ јадења

Повеќето замрзнати готови јадења што се продаваат како здрави може да имаат вештачки состојки и да немаат многу хранливи состојки, вели Бувиер. Освен тоа, многу порции се премногу мали и немаат доволно квалитетни калории.

Храна со малку масти

Нутриционистот Ребека Луис вели дека се обидува да одбегнува храна што е „маскирана“ како здрава. Според неа, вистината се крие во етикетата. Кога се намалуваат мастите, често се додава шеќер или натриум за да се подобри вкусот. Таа препорачува да се одбегнува храна во која една од првите три состојки е шеќер.

Овошни сокови

На сите ни се потребни повеќе зеленчук и овошје, но вештачките овошни сокови немаат овошје во нив, а тоа е случајот и со стопроцентните сокови, вели таа.

Јогурт со вкус

Јогуртот може да биде добар извор на протеин, калциум и пробиотици, но тие се заменети со шеќер во јогуртот со вкус, вели Луис.

Газирани сокови

Нутриционистот Кендис Сети вели дека газираните сокови се на врвот на нејзината листа затоа што немаат ништо хранливо, а лесно може да се одбегнат. Пиењето газиран сок е како да пиете едноставен шеќер во комбинација со хемикалии, вели таа. Дури и диеталните газирани пијалаци имаат вештачки засладувачи.


Фото: Pixabay

Преработено месо

Сите видови преработено месо се на листата на храна за одбегнување на Сети. Таа ги наведува сланината, колбасите, виршлите и саламата како најлоши, а едно истражување од Светската здравствена организација покажало дека преработеното месо може да предизвика рак.

Колачи и печива

Нутриционистот Џејми Логи одбегнува печива, особено крофни. Логи вели дека крофната е една од најлошите работи што може да ги јадете бидејќи се прави од бело брашно кое се пржи и потоа му се додава шеќер.

„Диетален“ чипс

Нутриционистот Адриен Јудим вели дека треба да се одбегнува секаков вид чипс, без разлика дали е од компир или од друг зеленчук. Пржен чипс е пржен чипс, вели таа.

Автор: Мелиса Кравиц
Извор: mic.com