Четири причини зошто на жените им е потешко да ослабат по 50-тата година

Четири причини зошто на жените им е потешко да ослабат по 50-тата година

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу жени се соочуваат со фрустрација поради тежината и предизвиците при губењето на килограмите по 50-годишна возраст. Често се чини дека тие вишок килограми се појавуваат речиси молскавично. Дури и жените што можеле да јадат што сакаат во младоста, честопати откриваат дека нивната гардероба треба да се приспособи со тек на годините. Па што навистина се случува? Дали дебелината на средна возраст е вистинска и можеме ли да направиме нешто во врска со тоа?

Намалување на калориите

Намалената метаболичка стапка е најпознатата причина зошто губењето на тежината по 50-тата година е потешко. Метаболизмот одредува колку калории согорува телото, а со возраста, особено по 30-тата година, овој процес природно се забавува.

Мускулите, кои согоруваат повеќе калории од мастите, се намалуваат со возраста. Покрај тоа, хормоналните промени за време на менопаузата дополнително влијаат врз метаболизмот. Падот на нивоата на естроген и тестостерон го забавува телото.

Сепак, многу жени не го поврзуваат намалениот број на согорени калории со потребата да ја приспособат својата исхрана. Ако согорувате помалку калории отколку порано, вишокот автоматски се акумулира во форма на килограми. По 50-годишна возраст дневните потреби за калории се намалуваат од просек од 1.800-2.000 на 1.600-1.800 калории. Дури и намалувањето на 100-200 калории дневно може да спречи да добиете 4-5 килограми годишно. Контролата на порциите е често подобра опција отколку целосно елиминирање на вашата омилена храна.

Ве плашат нови болки и тегоби

По 50-годишна возраст вашето тело често ве изненадува со нови болки: вкочанет врат, болки во долниот дел од грбот или вкочанетост на зглобовите. Иронично, токму кога вашиот бавен метаболизам и недостигот на мускулна маса треба да ве охрабрат да вежбате, вашето тело ве тера да избегнувате активност. Решението? Започнете со вежби за истегнување и флексибилност за да ги намалите болките и вкочанетоста. Враќањето на едноставни вежби од училишните денови, како што се свиткување на прстите, свиткување на рамената и истегнување на рацете, може да спречи утринска тегоба. Потоа, одењето и пливањето се одлични активности за согорување калории и забрзување на метаболизмот.


Мускулите почнуваат да ослабуваат

Губењето на мускулната маса, познато како саркопенија, е природна последица од стареењето, особено кај помалку активните луѓе. Како што луѓето стареат, тие можат да изгубат до 1 процент од нивната мускулна маса годишно. Помалку мускули значи побавен метаболизам. Сепак, губењето на мускулите не е неизбежно. Тренингот за сила и правилната исхрана се најдобрите начини за зачувување на мускулите и забрзување на метаболизмот. Тренингот со тегови, склековите или тренингот со отпор неколку пати неделно можат да направат голема разлика. Зголемете го внесот на протеини, како што се пилешко, риба, посно месо, јаткасти плодови и мешунки - за да може вашето тело да ги претвори мастите во мускулна маса.

Недостиг на сон

Перименопаузата и менопаузата често носат предизвици со спиењето: ноќните будења, потењето и стресот можат да го отежнат добриот ноќен одмор. Недостигот на сон влијае врз тежината бидејќи заморот ја намалува мотивацијата за вежбање и ја зголемува желбата за слатки. Стресот и хормонот кортизол дополнително го поттикнуваат складирањето на мастите.

Решенијата се индивидуални: ограничете го внесот на течности пред спиење, пијте чај од камилица или топло млеко, опуштете се со бања со лаванда или отстранете ги електронските уреди од вашата спална соба. Читањето, истегнувањето и медитацијата можат да ви помогнат да спиете подобро.

Губењето тежина по 50-тата година може да биде предизвик, но не е невозможно. Секоја жена има единствена хемија на телото и начин на живот, па затоа вреди да се испробаат различни методи додека не пронајдете што ви одговара. Со упорност, вишокот тежина не мора да биде неизбежен дел од животот по менопаузата.

Извор: 24sata.hr

Фото: Freepik