Како е да се живее со биполарно нарушување најдобро прикажуваат овие филмови

Како е да се живее со биполарно нарушување најдобро прикажуваат овие филмови

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Биполарното нарушување е долгорочнa ментална состојба која може да ја следи личноста цел живот, значително влијаејќи врз нејзината емоционална состојба и расположение. Промените во расположението често се придружени со промени во енергетското ниво и однесувањето, што може да има значително влијание врз работата, образованието и лични односи.

Клучно е луѓето што имаат биполарно нарушување да бидат застапени во филмската и телевизиската индустрија. Луѓето со биполарно нарушување се исти како и сите други. Тие се различни возрасни групи и имаат грижливи пријатели и семејства.

Токму затоа, едукацијата, вклучувајќи ја и филмската, може да помогне во подигнување на свеста за оваа состојба и намалување на стигмата околу менталните болести. Во продолжение е дадена листа со филмови и серии кои вклучуваат лик со биполарно нарушување. Тие покажуваат како е да се доживеат манични епизоди, како и многу ниски расположенија кои можат да бидат дел од биполарното нарушување. Овие ликови имаат семејства, пријатели и колеги кои се грижат за нивната добросостојба. Во повеќе од овие содржини се истражуваат и доведуваат во прашање одлуките за лекување. 

„Прирачник за оптимисти“ (англ. „Silver Linings Playbook“)


Овој филм од 2012 година е базиран на книгата на Метју Квик. Приказната следи човек по име Пет кој е примен во психијатриска болница откако го нападнал љубовникот на неговата сопруга. Во болницата му дијагностицираат биполарно нарушување. Пет има проблем да ја прифати оваа дијагноза. По излегувањето од болницата, се враќа да живее со родителите.

Филмот верно ги прикажува маничните епизоди: Пет смислува сложени планови за да ја врати сопругата. Понекогаш зборува брзо, ги изнесува сите идеи што му доаѓаат на ум и едвај спие.

„Домот на татковината“ (англ. „Homeland“)


„Домот на татковината“ е серија која се емитува од 2011 до 2020 година. Претставува агентка на ЦИА по име Кери која има биполарно нарушување. Кери, која ја игра Клер Денс, верува дека американскиот воен заробеник всушност е шпион на Ал каеда. Многумина го слават заробеникот како херој, но инстинктите на Кери ѝ кажуваат поинаку.


„Бесконечно поларно мече“ (англ. „Infinitely Polar Bear“)



Овој филм од 2014 година е базиран на детството на писателката и режисерка Меја Форбс. Дејството се одвива во 70-тите години. Таткото, Камерон (Марк Рафало), живее со биполарно нарушување. Кога мајката се запишува на постдипломски студии и заминува, Камерон ја презема грижата за ќерките.

Серијата покажува како биполарното нарушување може да ја наруши семејната динамика. За време на маничните епизоди Камерон е креативен и спонтан. Полн е со живот и идеи. Тоа е шармантно, но и фрустрирачко за неговото семејство.

„Доушник“ (англ. „The Informant!“)


Овој филм од 2009 година е базиран на вистинска приказна за доушник во голема компанија. Марк Витакер, кого го игра Мет Дејмон, е извршен директор во „Арчер-даниелс-мидленд“ и живее со биполарно нарушување. Тој се согласува да обезбеди внатрешни информации за ФБИ за истрага. Истовремено зема милиони долари од компанијата за себе.


Состојбата на манијата му помага да го одржува овој неверојатно сложен план одредено време. Сепак, стресот и напорот го влошуваат неговото психичко здравје. Филмот дава увид во функционирањето на неверојатниот ум на Витакер за време на манична епизода.

„Опаку наопаку“ (англ. „Inside Out“)


Овој филм од 2015 година не е специјално за биполарното нарушување и е пласиран како детски филм, но одлично ја прикажува оваа состојба.

Филмот истражува како човечкиот мозок управува со емоциите и сеќавањата. Ликовите ги претставуваат главните емоции како радост, тага, страв, бес. Приказната им помага на гледачите да го разберат функционирањето на емоциите. Исто така, прикажува што се случува кога работите излегуваат од рамнотежа.

Извор: Zivim.jutarnji.hr 
Фото: Screenshot/YouTube