Амстердам забранува рекламирање на месо, авионски летови и дизел-возила на јавни површини
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Градската управа на Амстердам едногласно изгласа забрана за сите реклами за месо на јавни површини, пет години откако започна со ограничување на промоцијата на животински производи.
Одлуката доаѓа во момент кога Холанѓаните консумираат сѐ помалку месо.
Според истражувањето на „Вагнинген соушл & економик рисрч“ (WSER), граѓаните на Холандија во 2024 година во просек консумирале 74,4 килограми месо, што е најмалку во последните 20 години откако се следат податоците. Станува збор за пад од 3 отсто во споредба со претходната година. Истражувањето наведува дека се зголемува бројот на луѓе што одлучуваат да го намалат внесот на месо поради свесност за влијанието врз здравјето, благосостојбата на животните и животната средина.
Со цел дополнително да го поттикне овој тренд, градското собрание на Амстердам одобри целосна забрана на рекламирањето на месо на јавни места. Предлогот го поднесе Странката за животни и партијата на зелените, а новото правило стапува во сила на 1 мај 2026 година. За предлогот гласаа 27 од вкупно 45 советници.
- Познато е дека најголем дел од емисијата на јаглероден диоксид во прехранбениот систем доаѓа од производството на месо, па затоа има смисла Амстердам да го ограничува неговото рекламирање како дел од стратегијата за поттикнување промени во исхраната - изјави Џои Крамер, директор на организацијата „Провег Недрлендс“.
Тој додаде дека оваа политика е во согласност со целта на градот до 2050 година исхраната на населението да биде 50 отсто од растително потекло.
- Таквата промена не е корисна само за климата, туку и за здравјето на луѓето, како и за благосостојбата на животните - додаде тој.
Амстердам го следи примерот на Харлем, главниот град на провинцијата Северна Холандија, кој прв воведе забрана на реклами за месо пред четири години.
- Рекламите за тутун и алкохол со години се забранети, што покажува дека е можно. Не можете да го забраните рекламирањето на поединечни компании, но можете да забраните рекламирање на одредени групи производи - изјави тогаш советничката на партијата на зелените во Харлем, Зиги Клазес.
Покрај рекламите за месни производи на плакати, трамваи, возови и автобуси, амстердамските власти решија да забранат и рекламирање на авионски летови, бензински и дизел-возила и договори за греење на гас.
Сепак, корпоративните реклами на компании со висока емисија на CO2 остануваат дозволени до април 2028 година.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik