И Словенија планира да ги ограничи социјалните мрежи за помлади од 15 години

И Словенија планира да ги ограничи социјалните мрежи за помлади од 15 години

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Словенечката Влада усвои насоки за измени на законот со кои на лицата под 15 години би им се ограничило користењето на социјалните мрежи.

Матеј Арчон, потпретседател на Владата, изјави дека иницијативата ја подготви Министерството за образование, а пред усвојувањето на законските мерки за насоките ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација.

Арчон појасни дека се одлучиле за овој чекор за да се спречат негативните ефекти од користењето на социјалните мрежи кај адолесцентите и децата помлади од 15 години, при што се воделе по примерот на други држави.

- Во светот и во Европа ова е актуелна тема последниве месеци, па затоа како Влада покажуваме дека ни се важни нашите деца - рече тој.

Тој ги наведе „Тик-ток“ и „Снепчет“ како примери.

- Насоките ќе бидат дополнети од експертите, а ќе се подготви и законска основа за ограничување на мрежите, секако, со цел заштита на децата и адолесцентите - додаде тој.

Откако Австралија во декември воведе забрана за пристап на социјалните мрежи за лица помлади од 16 години, расте притисокот и врз европските влади да преземат слични мерки. Франција, Данска и Грција се меѓу државите што преземаат конкретни чекори, а оваа недела и Шпанија и Португалија најавија ограничувања според возраст.

Иницијативи за строга контрола и ограничувања се појавуваат и на ниво на Европската Унија. Европскиот парламент во ноември минатата година побара возрасна граница од 16 години за самостојно користење на социјалните мрежи, платформи за споделување видеа и алатки со вештачка интелигенција. Според овој предлог, младите на возраст од 13 до 16 години би имале пристап само со дозвола од родител или старател.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во септември минатата година изјави дека ЕУ треба да разгледа воведување возрасна граница за пристап до социјалните мрежи и најави формирање панел на експерти кој ќе подготви препораки за понатамошно дејствување.

Извор: Miss7mama.24sata.hr
Фото: Freepik