Кои апликации биле најпопуларни во 2025 година? Еве што најмногу преземале Европејците

Кои апликации биле најпопуларни во 2025 година? Еве што најмногу преземале Европејците

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Европскиот пазар за мобилни апликации во 2025 година јасно го покажа јазот помеѓу она што корисниците најчесто го преземаат и она што носи најголеми приходи. Додека апликациите за продуктивност, купување и вештачка интелигенција доминираат во бројот на инсталации, оние во секторите за забава, претплата и запознавање генерираат најголеми приходи.

Пазарот на апликации брзо се менува. Поранешните гиганти го губат влијанието, а нови се појавуваат и брзо го освојуваат врвот на топ-листите. „Фејсбук“, кој со години беше синоним за социјални мрежи, повеќе не е меѓу лидерите во многу европски земји, а „Чет-ГПТ“, кој дури и не постоеше до пред три години, стана најпреземаната апликација во Европската Унија.

Најпреземани апликации во ЕУ

Според процените на „Ап фигјурс“ за 2025 година, „Чет-ГПТ“ е водечка апликација во однос на преземањата во Унијата, со повеќе од 64 милиони инсталации, по што следува „Тему“ со речиси 44 милиони. Потоа разликите значително се намалуваат, при што бројките се движат помеѓу 27 и 16 милиони преземања до дваесеттото место.

„Тредс“, „Тик-ток“, „Кеп-Кат“ и „Гугл Џеминај“ се на врвот, додека „Вацап“, „Револут“, „Винтед“ и „Лидл плус“ ги заокружуваат првите десет. „Дуолинго“, „Шеин“, „Инстаграм“ и „Телеграм“, исто така, забележуваат силен интерес од корисниците, додека „Кларна“, „Убер“, „Мајкрософт тимс“, „Канва“, „Пинтерест“ и „Снепчет“ се исто така во првите дваесет.

Овие податоци ги одразуваат моменталните навики на европските корисници, но не мора да укажуваат колку овие апликации се користат секојдневно, ниту колку заработуваат.

Продуктивност и вештачка интелигенција во центарот на вниманието

Категоријата продуктивност се издвојува и е речиси целосно водена од развојот на вештачката интелигенција. „Чет-ГПТ“ е убедлив лидер, додека „Гугл Џеминај“ исто така е високо рангиран на листата. Ова укажува дека алатките за вештачка интелигенција се префрлиле од професионалната и експерименталната фаза во секојдневна употреба, без разлика дали за работа, учење или лични задачи.

Апликациите за купување го сочинуваат најголемиот поединечен блок во првите 20 според преземањата. Платформи како „Тему“ и „Лидл плус“ потврдуваат дека мобилното купување останува една од клучните навики на европските корисници. Во исто време, апликациите за фотографии и видео, вклучувајќи ги алатките за уредување и креирање содржина, ја одразуваат растечката важност на визуелната комуникација и социјалните мрежи.

Популарноста и профитот не се исти

Бројките за приходите за 2025 година откриваат многу поинаква слика. Додека бесплатните апликации доминираат во однос на преземањата, вистинските пари се заработуваат од платформи базирани на претплата и дигитална содржина. „Тик-ток“ е апликацијата со најголема заработка во ЕУ, со проценети приходи од над 740 милиони евра, иако е само четврта во однос на инсталациите.

„Чет-ГПТ“ е на второ место во однос на приходите, со околу 448 милиони евра, што покажува дека корисниците се подготвени да платат за напредни услуги за вештачка интелигенција. Следува „Тиндер“, со приходи од над 400 милиони евра, што потврдува дека апликациите за запознавање остануваат исклучително силни во однос на монетизацијата, и покрај тоа што не се меѓу најпреземаните.


„Дизни+“, „Амазон прајм видео“, Гугл уан“ и „Јутјуб“ се меѓу најголемите генератори на приходи, што ја потврдува доминацијата на моделите за претплата во европската економија на апликации.

Разлики меѓу земјите

Додека светските апликации доминираат, националните разлики се изразени. Во Велика Британија домашните апликации од финансискиот и јавниот сектор, како што се оние за владини услуги и даночна администрација, се силно застапени заедно со стандардните платформи. Исто така, постои поголемо присуство на безбедносни алатки, што укажува на растечката важност на дигиталниот идентитет.

Турскиот пазар значително се разликува од просекот на ЕУ. Владините апликации, телекомуникациите и банкарските платформи играат централна улога, додека домашната е-трговија и огласите ги надминуваат меѓународните конкуренти. Од страната на приходите, локалните апликации за стриминг и социјалните мрежи ја нагласуваат важноста на регионалната и културно адаптирана содржина.

Што, всушност, значат овие бројки?

Важно е да се напомене дека прикажаните приходи претставуваат вкупни трошоци на корисниците пред провизиите што ги земаат „Епл“ и „Гугл“, што значи дека вистинските приходи на девелоперите се пониски. Податоците се однесуваат исклучиво на дигиталните трошоци во рамките на апликациите, како што се претплатите и виртуелната содржина, и не вклучуваат физички услуги и производи.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik