Ова е највисоко оценета серија на сите времиња: првпат прикажана пред 18 години, но сѐ уште никој не ја симна од тронот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кога се зборува за телевизиски серии што засекогаш го промениле начинот на кој гледаме телевизија, речиси секогаш се споменува серијата „Да се биде лош“ (англ. „Breaking Bad“). Серијата на Винс Гилиган, премиерно прикажана во 2008 година и емитувана до 2013, ги надмина рамките на класична криминалистичка драма и стана глобален феномен. Иако од првата епизода поминаа 18 години, нејзиното влијание не избледува. Напротив, многумина ќе кажат дека го промени начинот на консумирање ТВ-содржини и дека таква серија оттогаш не се повторила.
Дејството следи средношколски професор по хемија кој почнува да произведува дрога
Приказната го следи Волтер Вајт, професор по хемија во средно училиште кој, откако дознава дека боледува од рак, решава да ја обезбеди финансиската иднина на своето семејство на крајно неочекуван начин, со производство и продажба на метамфетамини.
Она што ја издвојува оваа серија не е само криминалната приказна, туку мајсторски прикажаната трансформација на главниот лик: од повлечен, фрустриран „мал човек“ до немилосрден нарко-бос. Покрај Волтер, тука е и Џеси Пинкмен, лик полн со контрадикции, чиј однос со Вајт ѝ дава дополнителна емоционална длабочина на серијата.
Вистинскиот подем започна од втората сезона
Интересно е што „Да се биде лош“ на почетокот не беше огромен хит. Гледаноста на првата сезона беше солидна, но не спектакуларна, а вистинскиот подем се случи подоцна благодарение на позитивниот „глас на публиката“ и популарноста на стриминг-платформите. Како што минуваа сезоните, растеше и публиката, а последната сезона привлече милиони гледачи од светот, потврдувајќи го статусот на серијата како еден од најголемите ТВ-настани на своето време.
Не ја симнаа ниту „Игра на троновите“ и „Почудни нешта“
Денес, „Да се биде лош“ има извонредна оцена 9,5 на „IMDb“, со околу 2,5 милиони рецензии, со што со години убедливо го држи првото место на листата со највисоко оценети серии на сите времиња. Ниту „Игра на троновите“, ниту „Почудни нешта“, ни стотици добри серии од различни жанрови не го симна Волтер Вајт од тронот.
И покрај силната конкуренција и многубројните нови високобуџетни наслови, засега ниту една серија сериозно не ја загрози позицијата на оваа серија. Тоа доволно говори за квалитетот на сценариото, глумата и режијата, но и за фактот дека серијата не е само серија, туку културен феномен што и денес привлекува нови гледачи и поттикнува дискусии.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото: Screenshot/YouTube