Град во кој има повеќе годишни карти за јавен превоз отколку регистрирани автомобили

Град во кој има повеќе годишни карти за јавен превоз отколку регистрирани автомобили

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Годишната карта за јавен превоз во Виена е многу популарна бидејќи чини само 365 евра. Ваква карта во моментов имаат 852.000 жители, што е зголемување за дури 30.000 за една година.
Со тоа, четврта година по ред во Виена има повеќе корисници на годишни карти за превоз отколку регистрирани автомобили.

- Задоволни сме со овој позитивен развој, системот за јавен превоз што функционира добро е клучен за придонес за заштита на климата во нашиот град. Секој што ќе се одлучи за карта за јавен превоз, а не за автомобил, секоја година заштедува 1,5 тон СО2, кој е штетен за климата - вели Ули Сима, советничка од градските власти за јавен превоз.

Граѓаните низ Виена се превезуваат со 129 автобуси, 28 трамвајски и 5 метро-линии. Јавниот градски превоз е брз, сигурен и еколошки прифатлив, надминувајќи ја дневната маршрута од вкупно 1.150 километри. Патниците се возат до најоддалечените делови на Виена и тоа по доста ниска цена: картата изнесува само 1 евро на ден, што во споредба со другите метрополи е најевтина понуда. Во Берлин патниците годишно плаќаат 882 евра, во Хамбург 1.988 евра, а во Лондон околу 4.000 фунти.

За јавниот превоз и во иднина да остане привлечен за патниците, виенското јавно претпријатие „Винер линиен“ наредната година ќе вложи 368 милиони евра во проширување на понудата и мерките за заштита на околината.

Според податоците од 2019 година, во Виена живеат 1.897.491 жител, што значи дека речиси 45 отсто купуваат годишна карта.

Извор: 6yka
Фото: Pixabay