Македонски лекар во Торино: Карантинот во Италија е за доброто на сите

Македонски лекар во Торино: Карантинот во Италија е за доброто на сите

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Последните податоци од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ за состојбата во Италија се: 9.172 потврдени случаи на инфекција, 463 смртни случаи и 724 излекувани пациенти во Италија

Италија, по Кина, и официјално е втората земја во светот опфатена со новиот коронавирус (Ковид-19), според светската мапа на ширење на заразната болест што ја креира Универзитетот „Џонс Хопкинс“. Од денеска цела Италија е под карантин. Има ограничено движење, маркетите и трговските центри можат да работат само во случај доколку гарантираат најмалку 1 метар растојание помеѓу купувачите, забранети се масивни собири. Што подразбира карантинот, разговараме со Александар Јовановски, докторанд на Универзитетот во Торино, на одделот за клинички и биолошки науки, во лабораторијата за молекуларна медицина и онкологија. Тој е еден од петтемина лекари од Македонија што во моментот се наоѓаат во Торино.

Торино / Фото: Flickr

Колку време сте во изолација и што подразбира тоа? Како се ограничени движењата?

- Веќе е добро познато дека Италија е една од земјите со најголем број инфицирани лица со новиот коронавирус (Ковид-19). Според официјалните бројки од пред неколку часа, таа е втора земја во светот. Светската мапа што е креирана од Универзитетот „Џонс Хопкинс“, додека ги одговарам прашањава, оперира со следните бројки за Италија: 9.172 потврдени случаи на инфекција, 463 смртни случаи и 724 излекувани пациенти. Најдрастичното експоненцијално зголемување на бројот на заразени се случи во Ломбардија и во блиските региони во последните 5 дена. Тоа придонесе Италија со посебна регулатива - декрет, да донесе мерки со кои се дефинираат социјалните активности. На 7 март беше ставен под карантин целиот регион Ломбардија и други 14 града надвор од регионот, со што се креира тампон-зона за околу 16 милиони население.

Александар Јовановски

Поради големиот пораст на новозаразени за само 24 часа (некаде околу 1.700) доцна синоќа цела Италија беше прогласена за црвена зона со нов декрет со кој се повикуваат сите граѓани да останат дома, засега до 3 април. Црвена зона се дефинира како подрачје од висок ризик по прашање од амбиентален карактер, во случајот тоа е инфекцијата со новиот коронавирус.

Опишете ни каква е ситуацијата на улица? Работат ли ресторани, маркети, институции?

- Со новите мерки што стапија во сила од денеска, делумно или целосно важат истите мерки како и за областите под карантин што беа имплементирани претходно, и тоа:

Извор: Youtube

- не е дозволено движење на граѓаните надвор од својот регион освен во строго дефинирани случаи од професионални или лични мотиви;
- забрана за јавно собирање кое не е од професионален карактер;
- забрана за работа на училишта и универзитети;
- забрана за одржување спортски активности;
- забрана за одржување верски собири, бракови и погреби;
- забрана за работа на барови и ресторани по 18 часот;
- ограничена работа на здравствените установи;
- забрана за работа на институциите кои во моментот не извршуваат активност дефинирана како општо добро;
- маркетите и трговските центри можат да работат само во случајот доколку гарантираат најмалку 1 метар растојание помеѓу купувачите;
- јавниот превоз не е лимитиран со цел да не се парализира целосно функционирањето на градот;
- препорака за работа од дома;

Како Италија се справува со ширењето на заразата?

- Како очевидец, можам да кажам дека Италија прави огромни напори да се справи со оваа криза, за која и покрај најавите на СЗО, сè уште не би сакал да го употребам зборот пандемија, поради застрашувачкиот призвук кој го креира во слухот на луѓето. Граѓаните се совесни, ги почитуваат промените и новиот стил на живот, улиците во градовите се со мал број жители. Колку и да звучат овие мерки драстични, сепак, од епидемиолошки карактер се потребни. Пред сè, за да се намали оптовареноста на здравствениот систем, кој досега се бори одлично. Покажувајќи лична одговорност и совесност, се спречува понатамошната прогресија на заразата. Мерките на карантин во Кина почнаа да вродуваат со плод, веќе трет ден не е регистриран нов случај надвор од провинцијата Хубај, што е секако добра вест. На социјалните мрежи населението активно се мобилизира и повикува да се остане дома, генерално се креира една реална слика за ситуацијата во која се наоѓаме и не смееме да ја потцениме.

И Македонија не е изолирана, процените се дека допрва се очекува ширењето на вирусот? Како лекар, што им препорачувате на граѓаните?

- Точно, Македонија не е изолиран дел од светот, секако дека новиот коронавирус нема да ја заобиколи и сведоци сме дека веќе имаме случаи и кај нас. Граѓаните треба да останат мирни и да не дозволат паничното да го засени рационалното дејствување. Доколку имаат симптоми на покачена температура, сува кашлица, болки во грлото и други симптоми што асоцираат на можна инфекција со новиот коронавирус, нека ги контактираат своите матични лекари телефонски, нека не одат во амбулантите и нека не ги изложуваат на ризик другите пациенти.

Извор: Youtube

Кон ова треба да се придржуваат сите, особено оние што неодамна се вратиле од странство и/или биле во контакт со некој што се вратил од странство. Да покажат максимална совесност и доверба во институциите, да ги почитуваат мерките и советите дадени од Министерството за здравство. Од она што го следам, мислам дека се прави сè и се спроведуваат превентивните мерки. Покажувајќи институционална доверба, а не индивидуално дејствување, само така ќе успееме да го спречиме прогресивното ширење на заразата. Ниту најсовршениот здравствен систем на светот не може да дојде дома и да ги имплементира основните мерки на заштита во моментот. Од друга страна, пак, ниту еден здравствен систем на светот не може да ја издржи нашата неодговорност, вирусот масовно се шири, а секако е сезона и на други респираторни инфекции, што значи одредени капацитети се веќе лимитирани. Секаде во светот, па и кај нас! Личната одговорност во случајов има огромен социјален импакт!