Од куфер до бикини: Поради овие „ситници“, туристите во Европа плаќаат казни и до 900 евра
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Експерт за патувања предупреди дека една вообичаена навика на одмор може да доведе до казна уште пред да започне вашето патување.
Многу туристи пристигнуваат во италијанските градови како Рим и Портофино со багаж, подготвени веднаш да тргнат да го разгледуваат, директно од аеродром или железничка станица. Но, она што повеќето не го знаат е дека тоа во одредени ситуации може да биде незаконско.
Италија воведе правила за однесување на туристите, со посебни прописи поврзани со багажот.
Во Рим влечењето куфери со тркалца по шпанските скали е забрането со градските урбанистички прописи. Казните започнуваат од 250 евра, а може да достигнат 400 евра или повеќе доколку се предизвика штета.
Во Портофино им се забранува на туристите да се задржуваат со куфери во зони каде што има многу луѓе, а казните достигнуваат и до 500 евра.
Џејкоб Ведерберн-Деј, експерт за патувања и извршен директор на компанијата за складирање багаж „Сташер“, вели дека овие правила често ги изненадуваат британските туристи во странство.
- Овие правила се однесуваат на луѓе кои прават нешто што им изгледа сосема нормално кога ќе пристигнат во нов град - со торбите в раце се упатуваат директно кон познатите знаменитости. Проблемот е што мермерните скалила што стојат со векови не можат да издржат милиони тркала од куфери. Дури и вибрациите од удирањето на багажот по скалите предизвикуваат микроскопски оштетувања - објаснува тој.
Полицијата во Рим активно патролира на туристичките точки во текот на целиот ден и брзо реагира.
- Никогаш не третирајте го денот на пристигнување како ден за разгледување ако сè уште ги носите торбите со себе. Одете директно до сместувањето или прво искористете услуга за складирање багаж, бидејќи казна од локалната полиција уште пред да започне вашиот одмор не е искуство што некој го посакува - вели Ведерберн-Деј.
Не се проблем само куферите, туку и високите потпетици и апостолките
Постојат и многу други правила кои, исто така, можат да доведат до висока казна. На Акропол во Атина, Грција, не се дозволени високи потпетици.
- Грција забрани обувки со потпетици на антички локалитети, вклучувајќи ги Акропол и театарот во Епидаурус. Казната може да достигне и до 900 евра. На површини стари илјадници години, само еден чекор може да предизвика микропукнатини. Ова е една од најголемите казни во европскиот туризам - објаснува Ведерберн-Деј.
Казни и за возење со апостолки
Возењето автомобил со апостолки не е дозволено во Шпанија. Шпанските власти потврдија дека полицијата може да казни возачи и до 200 евра ако процени дека обувките влијаат врз способноста за безбедно управување со возилото.
Носењето бикини е забрането на улиците
Носењето бикини на улица е забрането во делови од Шпанија и од Италија. Барселона има забрана за носење костими за капење надвор од плажа уште од 2011 година, со казни до 300 евра за бикини или машки костими. На Мајорка и Балеарските Острови казната може да достигне 600 евра, а во Соренто и до 500 евра. Правилата важат и за мажи и за жени. Исто така, не е дозволено да влезете во ресторан без маица.
Забрането е и хранење гулаби
Хранењето гулаби во Венеција е нелегално од 2008 година, со казни до 500 евра. Изметот од гулабите предизвикува сериозна штета на кревките мермерни фасади на градот, а годишното чистење чини стотици евра по жител. Затоа ова правило се сфаќа многу сериозно.
Извор:
b92.net
Фото: Freepik