Заборавете на безбедното исклучување на УСБ-меморијата

Заборавете на безбедното исклучување на УСБ-меморијата

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Слободно вадете го УСБ-то од компјутерот и лаптопот, само водете сметка да не го оштетите физички. Сите оние совети за безбедно исклучување (Safely Remove) што ни ги наметнуваа со години можете да ги заборавите.

Од „Мајкрософт“ конечно потврдија дека „Виндоус 10“ има опција за брзо исклучување (Quick Removal), која самостојно го исклучува кое било приклучено УСБ и при нагло исклучување од системот, односно рачно вадење на уредот без претходни најави преку опциите на софтверот. Споменатата опција сама по себе е вклучена во верзијата 1809 на „Виндоус 10“, која им е достапна на корисниците од октомври 2018 година.

„Мајкрософт“ го потврди ова на своите официјални страници.

„Виндоус“ има две опции: брзо исклучување (Quick removal) и подобри перформанси (Better performance), кои контролираат како системот е во интеракција со надворешните уреди за складирање. Во верзијата 1809 на „Виндоус 10“ основната опција е онаа за брзо исклучување, односно Quick removal, додека во претходните верзии основна опција беше онаа за подобри перформанси.

Вие можете да ја смените опцијата која ќе биде активна на вашиот компјутер. Еве како:

1. Поврзете го уредот со компјутерот;

2. Со десен клик кликнете на стартното мени и одете во File Explorer;

3. Видете како е именувано вашето УСБ;

4. Потоа кликнете со десен клик на стартното мени и одете на Disk Management;

Фото: Microsoft

5. Во долниот дел на прозорецот со десен клик кликнете на уредот и одете во Properties;

6. Одете на Policies и потоа изберете ја саканата опција.

Фото: Microsoft

Веќе не морате да мислите на безбедното вадење на УСБ-мемориите и наскоро и оваа навика ќе биде надмината, исто како и намотувањето на аудиокасетите.