Белгискиот принц побарал социјална помош и покрај тоа што добива годишен надомест од 380.000 евра
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Судот го отфрли барањето за социјален додаток поднесено од белгискиот принц Лоран, кој иако добива шестцифрен износ годишно од државната каса, побарал дополнителна помош од државата.
Принцот Лоран, помладиот брат на кралот Филип, минатата година добил 388.000 евра како кралски надомест, но тврдел дека неговата работа му дава право нему и на неговото семејство на социјална поддршка.
Тој истакнал дека делумно е самовработен поради кралските должности што ги извршува, како и поради водењето на добротворната организација за заштита на животни.
Сепак, судот го отфрлил барањето на 61-годишниот принц.
Лоран изјавил дека поднел барање „од принцип“, а не поради финансиска потреба.
- Кога мигрант ќе дојде тука, се регистрира и има право на социјална помош. Можеби и јас сум мигрант, но мигрант чие семејство ја основало државата - изјавил принцот за белгиските медиуми.
Судот: Принцот не е ниту вработен ниту самовработен
Судот во Брисел одлучил дека принцот не може да се смета ниту за самовработен ниту за вработен.
Судијата додал дека Лоран, всушност, треба да има право на пензија, но поради правни празнини, тоа не е возможно.
Оливије Рикер, адвокат на принцот, изјавил дека барањето не било „каприциозно“ и инсистирал на неговото симболично значење, нагласувајќи дека социјалната помош според белгискиот закон му припаѓа на секој жител, од најсиромашен до најбогат.
Рикер додал дека поголемиот дел од надоместот на принцот оди на плати за неговите помошници и на патни трошоци.
Тоа значи дека на Лоран му остануваат околу 5.000 евра месечно, но тој нема здравствено осигурување, ниту право на поврат на некои медицински трошоци.
Принцот, кој со сопругата со британско потекло Клер Кумбс има три возрасни деца, изразил загриженост за благосостојбата на своето семејство бидејќи по неговата смрт тие би добивале помалку средства.
Судски процес против државата
Лоран поднел тужба против белгиската држава поради одбивањето на неговото барање за социјална помош. Првото рочиште се одржало во ноември 2024 година. Принцот и неговиот правен тим сè уште не решиле дали ќе поднесат жалба на одлуката.
Лоран, кој е петнаесетти во редот за престолот, е познат по контроверзиите и во белгиската јавност често го нарекуваат „проклетиот принц“.
Белгискиот федерален парламент во 2018 година изгласал привремено укинување на неговиот месечен надомест за период од една година, откако тој без одобрение од владата присуствувал на прием во кинеската амбасада облечен во целосна морнарска униформа.
Исто така, тој има добиено неколку казни за пребрзо возење и бил критикуван поради учество на состаноци во Либија, додека поранешниот лидер Моамер Гадафи сè уште бил на власт.
Извор:
ВВС
Фото:
Wikipedia