Откриено потеклото на астероидот „Убиец на градови“ - доаѓа од неочекуван дел на Сончевиот Систем
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кога астероидот „2024 YR4“ првпат беше забележан на 27 декември 2024 година, изгледаше како да се појавил буквално од никаде.
Но астрономите успеаја да откријат од што е составен „2024 YR4“, како изгледа и од кој неочекуван дел на Сончевиот Систем потекнува.
Излегува дека „2024 YR4“ доаѓа од средишниот дел на главниот појас на астероиди, регионот помеѓу орбитите на Марс и Јупитер, и бил придвижен кон Земјата како резултат на гравитациска интеракција со Јупитер, кој обично го штити внатрешниот дел на Сончевиот Систем од карпи што летаат низ вселената.
- Изненадени сме што потекнува од централниот дел на главниот астероиден појас бидејќи досега не се сметаше дека оттаму може да доаѓаат астероиди што ја преминуваат орбитата на Земјата - вели астрономот Брајс Болин од „Еврика Сајентифик“ во САД.
Астероидот го привлече вниманието на јавноста поради можната опасност од судир. Иако не претставуваше закана при своето блиско прелетување покрај Земјата при откривањето, првичните набљудувања укажуваа дека би можел повторно да ѝ се доближи во 2032 година, овој пат можеби и премногу блиску.
Сепак, опасноста подоцна беше речиси целосно отфрлена (иако постои мала, неколкупроцентна шанса да удри на Месечината). Астероидот е наречен „убиец на градови“, не затоа што сигурно ќе удри, туку затоа што, доколку тоа се случи, последиците би биле катастрофални.
Кога се појавуваат потенцијално опасни астероиди, клучно е да се проучат заради планетарната одбрана. Нивната големина, брзина, состав и потекло им помагаат на научниците да проценат колкава закана претставуваат и дали треба да се внимава на слични објекти од истиот регион.
Така, откритието на „2024 YR4“ предизвика брза реакција од научната заедница. Болин и неговите колеги користеле телескопи за да добијат детални набљудувања и да направат најпрецизен опис на карактеристиките на астероидот.
Моделот на неговата форма е составен врз основа на фотометриски податоци од архивите на Центарот за мали планети, Европската опсерваторија и телескопот „Џеминај саут“.
- Астероидот ротира еднаш на секои 20 минути, се врти во ретрограден правец, има сплескана и неправилна форма и густина како цврста карпа. Формата на астероидот ни дава важни податоци за неговото потекло и за неговата структурна цврстина. Овие информации се клучни за да знаеме колку напор или каков тип техника би биле потребни за негово отстранување доколку се процени како закана - вели Болин.
Овие податоци, според научниот тим, ќе помогнат подобро да се проценат својствата на други потенцијално опасни астероиди. Исто така, ќе се усовршат техниките за брзо откривање и анализирање на астероиди кои, како „2024 YR4“, се појавуваат ненадејно.
Научниците со нетрпение очекуваат да видат што ќе се случува понатаму со овој вселенски камен.
- Тоа е еден од најголемите објекти во поновата историја кој има шанси да удри во Месечината. Ако тоа се случи, ќе ни овозможи ретка можност да проучиме како големината на астероид влијае врз големината на кратерот што го создава, нешто што досега не сме можеле директно да го измериме - вели Болин.
Извор:
Science Alert
Фото:
W.M. Keck Observatory