„Во иднина читателите ќе си генерираат дела со ВИ по сопствен вкус“, вели Стефан Марковски, директор на библиотеката „Гоце Делчев“

„Во иднина читателите ќе си генерираат дела со ВИ по сопствен вкус“, вели Стефан Марковски, директор на библиотеката „Гоце Делчев“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со Стефан Марковски, директорот на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија, разговараме околу тоа дали примената на вештачката интелигенција придонесува библиотеките да станат поотворени, подостапни и приспособени на современите потреби на заедницата или е обратно

Вештачката интелигенција во некои сектори навлегува суптилно, во некои агресивно. Меѓу другото, се наметна и прашањето колку вештачката интелигенција го трансформира работењето на библиотеките... Дали кај библиотекарите преовладува позитивно искуство или негативно чувство. Со помош на интелигентни системи се подобрува пристапот до дигитални архиви, се олеснува истражувањето и им се заштедува време на библиотекарите за покреативни и едукативни активности. Сепак, вештачката интелигенција може да биде и закана и алатка во работата на библиотеките. До која мера тој однос би се манифестирал на едниот или на другиот начин, најмногу зависи од самиот однос кој човештвото го има со себе. Со Стефан Марковски, директорот на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија, разговараме за тоа дали примената на вештачката интелигенција придонесува библиотеките да станат поотворени, подостапни и приспособени на современите потреби на заедницата, или е обратно.



Се очекува трендовите во Македонија да се променат


- Библиотеките на светско ниво се наоѓаат во многу специфичен историски контекст, во кој, доколку не почнат да се приспособуваат на новите текови, за одредено време, заедно со други институции, ќе може да се затекнат ситуирани во културно-образовни „енклави“, одделувајќи се од извориштето на својата дејност – да бидат основни носители на културно-образовната дејност, препуштајќи ѝ ја на технологијата, која полека прераснува во онтолошко-когнитивен фатализам. Затоа, во оваа фаза корисно е, за почеток, да се дискутира на оваа тема, да се понудат различни гледишта кои ќе бидат земени предвид при создавањето една општа рамковна стратегија за употреба на ВИ - вели Стефан.

Многумина веруваат дека македонските библиотеки (како и други институции) се „отсечени“ од глобалниот развој на ВИ и дека ќе биде потребен определен, можеби подолг период додека вистински да се почувствуваат ефектите од масовната употреба на вештачката интелигенција, што е и делумно оправдано, но без разлика колку библиотеките се свесни за оваа проблематика во моментов, веќе постои промена во перцепцијата на литературата кај самите читатели. Изгледа дека технологијата побргу допира до реципиентите на уметноста отколку што сложената правно-економска структура на системот е опремена и склона да регулира или да насочи, истакнува Стефан.

- Навиките на читателите, како и навиките на креативните творци, се менливи, исто како и границата меѓу нив, а технолошкиот развој може не само да го забрза, туку и да го направи овој процес иреверзибилен. Читателите, во согласност со темпото на денешното време, сè повеќе се стремат кон „сумаризација“ на содржините, кон нивно „расчленување“ или, пак, доколку станува збор за белетристика, кон одредени жанровски заокружени структури – нешта кои генеративната вештачка интелигенција почнува сè посолидно да ги усовршува и владее. Од неодамна на меѓународниот книжевен пазар се појавија повеќе автори/уредници на содржини кои со употреба на вештачка интелигенција генерираат голем број дела, наменети за конкретни категории на читатели, а долгорочноста или краткорочноста на овој успех останува да се проследи во претстојниот период. Очекувам во следните години овие трендови да се прошират и во Македонија и пошироко, односно да се појават автори/уредници на содржини кои со помош на вештачка интелигенција ќе може да ги „претркаат“ (во прва фаза по однос на квантитет) и најплодните авторски имиња, особено во жанровски прецизно дефинираната литература - вели Марковски.



Треба да се следат трендовите и навиките на читателите

Според него, библиотеките треба да ги следат овие трендови и да очекуваат промени во врска со навиките на читателите, а можеби и да понудат алтернатива – доколку еден ден технологијата и библиотечните услови го овозможат тоа, треба да се размисли да им се понуди на читателите можност самите да си генерираат книги по сопствен вкус или побарувања, каде што, сепак, би се определиле и одредени книжевни насоки. Тоа би можело да се реализира доколку библиотеките располагаат со соодветна компјутерска опрема, како и ВИ софтвер, со помош од лице задолжено за тоа.

- Веројатно ова, особено кај нас, сè уште звучи како научна фантастика, но верувам дека периодот кој нè дели од овие можности не е толку далеку колку што изгледа - подвлекува Марковски.

На прашањето врз кои сегменти од работењето на библиотеките најмногу ќе влијае развојот на вештачката интелигенција, тој наведува неколку области.

- На онлајн платформите за книги/пишување денес се достапни стотици илјади книжевни дела, а прашање на време е кога оваа бројка ќе прерасне во милиони (ако веќе и не е достигната), како што е прашање на време и кога самите читатели ќе можат со неколку клика да „генерираат“ дела по сопствена мерка и вкус. Ова наведува на заклучокот дека ќе следуваат големи трансформации на читателските навики кај генерациите што користат ВИ на дневно ниво, што, пак, ќе доведе и до промени на очекувањата, создавајќи магичен круг кој ќе ги насочи библиотеките кон зголемување на интерактивноста, гејмифицираноста и персонализацијата на читателското искуство. Со текот на годините ова не само што ќе ги редефинира традиционалните парадигми на библиотечното работење (на пример, начинот на кој се набавуваат книги, на кој се каталогизираат итн.), туку ќе ја промени и природата на самото книжевно дело и процесот на неговото создавање и восприемање, а следствено и границата меѓу делото и читателите, па можно е да зборуваме наместо за традиционални читатели или восприематели/реципиенти, за реципиенти-(ко)автори, а библиотеките, меѓу другото, да одигруваат посредничка и фацилитаторска функција - посочува тој.

Според неговото искуство, технолошкиот развој, пред сè, се одразува врз квалитетот, но и врз обемот на вниманието на читателите, а по екстензија, и врз нивната бројност. Тој верува дека во урбаните средини со поголем број млади луѓе кои се сè позависни од ВИ, ова веќе почнува да се манифестира значително повеќе и физичкото (не)присуство во библиотеките во тој случај во значајна мера преоѓа во прашање на генерациска припадност, со оглед на големите интергенерациски разлики во степенот на усвојување на ВИ во секојдневието.

- Од друга страна, нашите членови во најголема мера сè уште ги претпочитаат печатените изданија со сето она што традиционалната книга го носи со себе – автентично и интегрално искуство кое ги спојува сите сетила, изразувајќи го можеби најмногу, за сите нас незаборавниот мирис на печатена книга - вели Стефан.



Потребна е национална стратегија


Потребна е изработка на соодветна национална стратегија за внимателна и постепена имплементација на вештачката интелигенција во културата и образованието, вклучувајќи ја и библиотечната дејност, што најпрвин ќе стигне до големите библиотеки со соодветни технички, кадровски и финансиски капацитети.

- Несомнено е дека за одреден временски период ќе дојде до поголема општа примена на ВИ во каталогизацијата (на пример, внес на сите потребни податоци за едно издание во електронски податочни бази или системи од типот на Cobiss, на кој му се потребни соодветни надградби во оваа насока), содржинската обработка или сумаризацијата, односно разговорното извлекување на „потребните нешта“ од одредени книги (ВИ веројатно веќе делумно го владее системот за универзална децимална класификација односно UDC, „библиотечниот јазик“) или пребарување книжевни дела според конкретни, повторно разговорно определени параметри (на пример, одредени книжевни ситуации, описи на настани, ликови или, пак, конституенти на приказните, како одредени видови заплети, кулминации итн.). Ова „поедноставување на книжевната магија“ и нејзино сведување на библиотечно-адаптирани алгоритми е диктирано од нивната секојдневна практичност, како и нивното оспособување за анализи на читателските навики, што пак понудува позадоволително и високо персонализирано библиотечно искуство, а во контекст на научно-образовните сегменти, и пристап и до посестрани, научно верификувани и попрецизни истражувања - изјавува Стефан.


Фото: приватна архива/ Freepik