Научници ги разбиваат митовите за рокот на употреба на храната

Научници ги разбиваат митовите за рокот на употреба на храната

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Скриен на работ на капачињата или во најдолниот дел од пакувањето, датумот за рокот на употреба на храната може да биде извор на напнатост во кујната.

Сепак, датумот на пакувањата е повеќе поврзан со тоа како изгледа и каков вкус има храната отколку дали е расипана или не.

Лонда Нвадике, вонреден професор по безбедност на храна на Државниот универзитет во Канзас и на Универзитетот во Мисури, и Елизабет Андерсон, директорка на Центарот за истражување при Државниот универзитет во Мичиген, му помагаат на „Инверс“ да ја истражува нерегуларноста на рокот на употреба на храната и објаснуваат како да знаеме дали нашата храна е расипана или не.

Што навистина значи „најдобро за употреба пред“?

Андерсон вели дека етикетите за употреба на храната имаат специфични значења за производителите што ги создаваат - и речиси ниту едно од тие значења не е поврзано со расипана храна.

- Во моментов, нема индустриски стандард за „најдобро за употреба пред“, „најдобро за продажба пред“ и слични етикети. Општо земено, овие датуми се однесуваат на тоа до кога производителот верува дека производите ќе бидат со добар вкус, свежина и квалитет - вели Андерсон и додава дека етикетите „најдобро да се искористи до/пред“, „да се искористи“, „најдобро да се продава до“, „да се замрзне пред“ и „загарантирана свежина“ се квалитетни рокови и не се точни датуми на истекување, односно расипување на храната.

храна
Фото: Freepik

Единствени исклучоци од ова правило се етикети како „истекување“ или ЕXP, кои се наоѓаат на вештачкото млеко за новороденчиња и се однесуваат особено на истекот на производот. „Искористете го до“, може да има слично значење кога станува збор за вештачко млеко.

Нвадике вели дека вештачкото млеко за бебиња е една од единствените групи на храна што добиле ваков вид на контрола и регулација кога станува збор за датумите на истекување, бидејќи хранливата содржина на вештачкото млеко може да се менува со текот на времето, што ја прави помалку корисна за хранење на бебето.

- Ако се консумира по тој датум, тогаш вашето новороденче веројатно не ја добива потребната исхрана - вели Нвадике.

Таа додава дека етикетите „да се продава до“ се користат внатрешно во продавниците за да се осигурат дека има постојан проток на резерви внатре и надвор од продавницата.

Кој ги создава датумите за употреба?


Огромен дел од причините зошто овие етикети може да бидат збунувачки за потрошувачите лежи во тоа што не постои стандардизација поставена од ФДА за регулирање на овие етикети. Всушност, останува на самите производители да одлучат што ќе биде означено како „најдобро да се употреби до“ и што всушност значи тоа.

Извор: Inverse.com
Фото: Freepik