Квиз по анатомија открива изненадувачка вистина

Квиз по анатомија открива изненадувачка вистина

Подготвил: Билјана Арсовска

Истражувачи од Велика Британија го направија најголемиот квиз по анатомија. Инспирација за научниците од Универзитетот во Ланкастер било сознанието дека многу луѓе имаат тешкотии при посочувањето делови од сопственото тело.

Истражувачите сега сакаат 20.000 луѓе да го решат квизот за да видат колку јавноста навистина си го познава телото.

Претходно истражување покажа дека иако секој знае да каже каде му е мозокот, само мал дел знаат каде се помалку очигледните делови од телото, на пример надбубрежните жлезди.

Во интерактивната студија се бара од учесниците да посочат 25 органи или мускули. За да помогнете во истражувањето, исто така мора да дадете некои информации за себе, вклучувајќи и од каде сте и колку години имате. Ова е со цел да се потпомогне теоријата дека различни групи луѓе имаат различно ниво на познавање на своето тело и здравје.

Истражувањето се спроведува со цел да им помогне на медицинските лица подобро да ги лекуваат пациентите.

- Квизот не само што ќе го подобри јавниот ангажман на темата анатомија, туку ќе овозможи и понатамошно проучување на она што општата јавност го знае за анатомијата на човекот - изјави креаторот на квизот „Каде се моите органи?“, Адам Тејлор.

Според Тејлор, познавањето на анатомијата е корисно за следење и објаснување на сопственото здравје.

- Подобрувањето во пренесувањето основно знаење за анатомијата во основното и во средното образование може да даде корисни резултати за здравјето во подоцнежниот живот - истакна Тејлор.

За да пристапите до квизот, кликнете тука.

Откако ќе го решите квизот, можете да ги споредите одговорите со оние на сликата подолу за да видите колку сте биле во право.

Фото: news.com.au