Третата меѓународна конференција за телекомуникации BalkanCom 2019 почна во Скопје

Третата меѓународна конференција за телекомуникации BalkanCom 2019 почна во Скопје

Конференција е посветена на иницирање и воспоставување дух на „Балкан без граници“ за да се поддржи и зајакне слободен трансфер на знаење во регионот и пошироко

Третата меѓународна конференција од областа на телекомуникациите, денеска официјално се отвори во Скопје. Оваа тридневна конференција годинава е на тема: „5Г и понатаму“ (5G and Beyond), како предвесник на технологијата што ќе ја одбележи наредната декада. Иницирана од група еминентни научници, конференцијата прераснува во собир на релевантни истражувачи и се стреми да го доближи технолошкиот моментум и да го намали информативниот процеп помеѓу развиените земји и Балканскиот регион.
Конференцијата претставува глобална научна платформа на којашто релевантни истражувачи од академијата, истражувачките лаборатории и од индустријата ќе дискутираат за предизвиците и можните решенија на актуелната 5Г технологија. На годинашниот собир има врвни поканети предавачи и интригантна панел дискусија, а отвора можност и за студентите активно да се вклучат во елаборирање на концептите на идните телекомуникациски системи и решенија.



Според професор д-р Лилјана Гавриловска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, темата на конференцијата „5Г и понатаму“ го одразува глобалниот интензивен развој на информатичко комуникациските технологии и континуираните барања за побрзи, помоќни и пософистицирани комуникациски решенија. 5Г технологијата ќе овозможи подлога за иновативен развој и растеж во многу домени на нашето секојдневие и ќе внесе интензивна промена во начинот на функционирање и комуникација.

- Сакам да потенцирам дека годинашната конференција е посветена на иницирање и воспоставување дух на „Балкан без граници“ за да се поддржи и зајакне слободен трансфер на знаење во регионот и пошироко, но и да ги поттикне и да им даде можност на регионалните телентирани млади луѓе и научници на поинтензивна соработка и на меѓународно претставување - вели Гавриловска.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, ја отвори конференцијата и во своето воведно обраќање ги потенцираше промената и глобалната дигитализација, како резултат на 5Г технологијата.

- Со голема брзина технологијата се очекува да донесе вистинска дигитална еволуција, поттикнување на економскиот раст, иновативноста и благосостојбата. 5Г ќе ги промени целите индустрии. Овие сектори ќе бидат целосно трансформирани со дигитални автопатишта за комуникација, компјутерска моќ и мрежи на сензори. Автоматизацијата во голема мера ќе зависи од функционалните и безбедните 5Г мрежи. Поединци и машини ќе комуницираат и ќе споделуваат информации на начин непознат до сега. Нема да има многу човечки активности, што не е поткрепено со сајбер-инфраструктура - подвлече Манчевски.

Тој рече дека Владата е свесна дека 5Г револуцијата нема да се случи преку ноќ, но тоа е важен чекор кон зголемување на учеството на дигиталната економија во нашиот национален БДП. Врз основа на користењето на јавните средства, како и инвестициите на операторите во наредните 3 години, се проценува дека до крајот на 2023 година, најмалку еден град ќе биде покриен со 5Г сигнал, а до крајот на 2027 година сите градови во државата ќе бидат покриени со непрекинат сигнал од 5Г, а до крајот на 2029 година секој граѓанин ќе има пристап до 5Г интернет со минимум брзина од 100 Mbps.

Дамјан Манчевски (лево), Лилјана Гавриловска и Никола Љушев

Партнер на конференцијата е „Македонски телеком“, компанија која е предводник на дигитализацијата на македонското општество. Никола Љушев, главниот извршен директор на „Македонски телеком“, на отворањето на конференцијата ја истакна посветеноста на компанијата да го трасира патот на новата револуционарна технологија во земјата.

- 5Г технологијата, што воедно ќе биде основата на четвртата индустриска револуција, за телеком операторите неминовно ќе значи нов инвестициски циклус и изградба на нова мрежна инфраструктура – најголемиот предизвик во остварување на преминот кон роботизација, вештачка интелигенција, автономни возила, огромен број паметни сензори итн. ќе се оствари доколку сите општествени чинители делуваат заедно и координирано. Само на тој начин може да се создаде одржлив екосистем кој ќе даде нова вредност, поголема продуктивност и трошковна ефикасност. Во соработка со академската заедница ќе ги истражуваме и продлабочуваме можностите за користење на 5Г, очекувајќи одговорните институции да бидат генератори на политики кои ќе донесат забрзана дигитализација на општеството, како и развој на комуникациските и на информатичките технологии. Светот глобално се менува и сите ние како креатори на новото дигитално општество имаме одговорност да ја ставиме технологијата и иновациите во служба на граѓаните и целото општество - истакна Љушев.

Првата ваква конференција е одржана во 2017 година во Албанија, а минатата година домаќин на конференцијата била Црна Гора.