Маските од ткаенина треба да имаат три слоја за ефективно да го блокираат коронавирусот

Маските од ткаенина треба да имаат три слоја за ефективно да го блокираат коронавирусот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Платнените маски, без разлика дали се направени дома или се купени, може да помогнат во спречувањето на ширењето на новиот коронавирус во опкружувања каде што физичката дистанца не може да се одржува, покажува ново истражување користено за дополнување на упатствата на СЗО за носење маски.

Во упатствата се наведени видовите маски од ткаенина што се ефективни. Тие треба да имаат три слоја: внатрешен слој - кој апсорбира; среден слој - кој дејствува како филтер; и надворешен слој направен од неапсорбирачки материјал како полиестер.

Тие слоеви ставени по тој редослед можат да обезбедат механичка бариера, истакна епидемиологот Марија Д. ван Керков. Упатството, како што наведе таа, се базира на ново истражување овластено од СЗО.

Платнените маски исто така треба да се чистат и носат соодветно бидејќи контаминираните раце можат да заразат лице кое ја мести маската или често ја вади и става, додаде генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Надополнетите упатства исто така ги охрабруваат луѓето што работат во болници во области со распространета трансмисија на коронавирус да носат медицински маски дури и ако не работат директно со пациенти заболени од Ковид-19.

Од СЗО истакнаа и дека на места каде што е тешко да се одржува физичка дистанца, како во јавен превоз или во продавници, владите треба да ги охрабруваат луѓето да носат маски.

Од СЗО посочија дека само маските не можат да го победат вирусот.

Она што не е променето во упатствата на СЗО е советот луѓето што се болни од Ковид-19 да останат дома, да се консултираат со лекари и да побараат нега ако тоа е неопходно, да се изолираат и нивните контакти да бидат во карантин.

- Ако е апсолутно неопходно болно лице или контакт да го напушти домот, треба да носи медицинска маска - рече Тедрос.

СЗО препорачува негувателите на лицата позитивни на Ковид-19 да носат медицински маски додека се во иста просторија со заразено лице и негувателите да носат медицински маски и друга заштитна опрема кога работат со осомничени или пациенти за кои е потврдено дека се заразени.

Од организацијата сè уште истакнуваат дека само маските не можат да го победат коронавирусот и може да доведат до лажно чувство на безбедност, предизвикувајќи занемарување на други важни мерки за превенција.

- Само маските нема да ве заштитат од Ковид-19. Маските не се замена за физичка дистанца, хигиена на раце и други мерки за јавно здравје - нагласи Тедрос.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay