Филмски теоретичар откри бизарен детаљ во филмот „Сјаење“ кој никој не го забележал

Филмски теоретичар откри бизарен детаљ во филмот „Сјаење“ кој никој не го забележал

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Филипо Уливиери е еден од водечките експерти за филмовите на Стенли Кјубрик, а со една негова објава на „Твитер“ ги воодушеви сите обожаватели на Кјубрик.

- Забележав дека нешто чудно се случува во „Сјаење“. Да, се случуваат многу чудни работи во филмот, но ова е навистина чудно - пишува Уливиери, додавајќи дека не може да најде ништо конкретно на интернет.

За што станува збор?


Уливиери објаснува дека забележал дека Џек Николсон, кој го глуми Џек Торенс во филмот, гледа директно во камерата.

- Не зборувам за тоа дека тој гледа директно во камерата бидејќи разговара со некој друг. Овој вид кадар се нарекува субјективна камера - техника која ја става публиката во перспектива на ликот - објаснува тој и додава дека забележал дека има многу моменти во филмот каде што Џек Торенс гледа директно во камерата.

Уливиери забележал дека секогаш кога Николсон гледа директно во камерата, тоа го прави многу кратко.

- Тоа може да се случи додека очите се движат од една до друга точка во просторијата. Но, обично е тоа кога Џек фрла краток поглед на нешто, како да ѕирка - објаснува тој.

Уливиери истакнува дека тоа се случува само со Џек Николсон, односно ниту еден друг актер во филмот не го прави тоа. Тој додава дека овој бизарен детаљ не може да биде случаен и е убеден дека тоа е свесна намера на режисерот. Како аргумент, тој наведува момент од документарецот „Создавањето на Сјаење“ во кој Кјубрик експлицитно бара од Николсон да најде начин да погледне надолу, точно таму каде што се наоѓа камерата.

Уливиери тврди дека со овој потег гледачот не е само набљудувач на настаните, туку станува дел од приказната што се раскажува. Тој забележува дека начинот на кој Николсон го „разбива четвртиот ѕид“, односно фиктивната граница меѓу публиката и она што се случува во филмот, е сосема поинаков.

- Не изгледа намерно и може да избега од нашата перцепција. Покрај тоа, кршењето на четвртиот ѕид е обично еднократно. Се користи еднаш во претстава или филм, умерено е, се случува во специфични моменти, често на крајот - објаснува тој.

Што значи погледот на Џек во камерата?

- Ако нешто значи овој поглед во камерата, за мене тоа значи дека не сме безбедни од гневот на Џек. Тој знае каде сме. Можеби ќе дојде по нас - тврди тој.

Но, зошто Николсон го „руши“ четвртиот ѕид со гледачот толку често? Уливиери сугерира дека Кјубрик создал филм кој си поигрува со конвенциите на жанрот, спротивно на драматуршките норми и филмската граматика.

Дух во камерата


За крај, дали е можно да се сметаат директните погледи на Николсон во камерата од перспектива на духовите од хотелот кои го гледаат преку камерата? Дали ова значи дека и гледачот станува дух? Можеби некои од тајните на Кјубрик сепак треба да останат скриени, барем за помирен сон.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube