Кафето го мами мозокот: Неочекуван ефект од секоја шолја кој нема врска со кофеинот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
За оние што рано стануваат, нема ништо подобро од мирисот и вкусот на првата шолја кафе. Толку е делотворна, што можеби дури и не ѝ е потребен кофеин за да ве разбуди.
Колку и да звучи неверојатно, токму тоа го откриле истражувачи од Словенија и Холандија во неодамнешно истражување, во кое ги споредувале ефектите од кафето со и без кофеин врз мозокот и телото.
Во светот секојдневно се пијат повеќе од две милијарди шолји кафе, а ефектите од кофеинот се добро познати. Сепак, за оние што сакаат да го намалат неговиот внес, без оглед дали е поради анксиозност или проблеми со спиење, бескофеинското кафе можеби е многу подобра опција отколку што се претпоставувало досега.
- Очекувањето игра значајна улога. Тие што очекуваат да внесат кофеин често доживуваат слични когнитивни и физички подобрувања без оглед на тоа дали навистина внеле кофеин или само плацебо - пишуваат истражувачите во описот на истражувањето.
Ефектот на очекувањето и рутината
Во истражувањето биле вклучени 20 здрави студенти кои редовно консумирале кафе.
За потребите на експериментот, учесниците морале да спијат најмалку седум часа пред тестирањето, да не пијат кафе најмалку 8 до 11 часа претходно и да не јадат најмалку два часа пред да се појават во лабораторија.
По пристигнувањето, им биле измерени основните мозочни бранови преку ЕЕГ и кардиоваскуларните параметри во состојба на одмор. Потоа решавале задачи од ментална аритметика за процена на когнитивните способности и учествувале во тест за испитување на брзината на реакција.
По првото мерење испитаниците биле поделени во две групи: едната добила кафе без кофеин, додека другата добила кафе, но со додаден кофеин во прав, 6 милиграми по килограм телесна тежина.
По консумирањето на кафето, учесниците одмарале 30 минути, по што повторно им биле измерени мозочните и телесните параметри и извршиле нова рунда когнитивни тестови.
Очекувања што произлегуваат од навиката на пиење кафе
Иако кај двете групи биле забележани физиолошки и ментални промени, речиси немало значајни разлики помеѓу оние што пиеле кофеин и оние што не пиеле.
Ниту една од групите не покажала значајно подобрување при решавањето на задачите од менталната аритметика. Но, кај двете групи било измерено значително пократко време на реакција во слушниот тест, независно од присуството на кофеин. Иако статистички значајно било само кај групата со кофеин, резултатите сугерираат дека дури и плацебо може да има силен ефект.
- Колку што знаеме, вакво нешто досега не било документирано. Можеби станува збор за ефект на очекувања што произлегуваат од навиката на пиење кафе. Има докази дека редовните консумирачи на кафе реагираат побрзо на мирисот од кафето - велат авторите.
Овие откритија укажуваат на тоа дека не е само кофеинот оној што нѐ „буди“ наутро, туку и нашите очекувања и рутината поврзана со првата шолја кафе имаат моќно влијание.
- Стимуланси кои личат на кафе можат да предизвикаат когнитивни и физиолошки реакции многу слични на оние што ги предизвикува вистинското кафе - заклучуваат научниците.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Unsplash