Целиот свет очекува среќен крај

Целиот свет очекува среќен крај

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Најново: Претпоследното дете спасено од пештерата во Тајланд

Бангкок, 10 јули 2018 (МИА) – Вкупно 11 деца досега се извлечени од пештерата во Тајланд каде беа заглавени од 23 јуни кога влегле во неа после тренинг.

Во пештерата засега останува едено дете, тренерот и уште четири лица.

Спасувачката операција трае три дена, и секој ден досега беа извлекувани по четири момчиња.

Шефот на спасувачката операција Наронгсак Осотанакорн соопшти дека во пештерата заедно со момчињата и нивниот тренер се и еден лекар и тројца припадници на морнаричките нуркачи „Фоки“ за кои исто така изрази надеж дека денеска безбедно ќе излезат на површина.

Во третиот ден од операцијата во пештерата Там Луанг влегле 19 спасувачи. На еден искусен нуркач за пристап до местото на кое се наоѓаат децата и ваќање назад, му се потребни 11 часа. Рутата е долга неколку километри и минува низ матна застоена вода, тесни канали, скали и други препреки. На некои места видливоста во водата е речиси нула. јт/12:24

***** 

Денеска почна третиот дел од извлекувањето на децата од пештерата во Тајланд, каде што останаа уште четири момчиња и нивниот фудбалски тренер, а според шефот на спасувачите, сите би требало да бидат извлечени со овој последен дел од спасувачката мисија. Мисијата почна околу 10 часот по локално време и во пештерата влегоа 19 нуркачи. И покрај обилните дождови што паѓаа во текот на ноќта, условите во пештерата не се многу променети.

Вчера беа извлечени уште четири деца, со што бројот на спасени деца се зголеми на осум. Момчињата се во пештерата Там Луанг од 23 јуни.

Фото: Vecernji

Водачот на операцијата, Наронгсак Осатанакорн, истакна дека спасителите учат од своето искуство и дека во вториот спасувачки круг биле за два часа побрзи.

- Првиот ден ни беа потребни 11 часа, а вчера ни требаа девет. Се надеваме дека денес ќе можеме да бидеме побрзи или еднакво брзи како вчера. Ако сѐ биде како што треба, четирите деца, лекарот и маринците што останаа со децата ќе излезат - истакна Осатанакорн.

Нуркачите и маринците во текот на 9-часовната операција ги водеа момчињата низ речиси 4-километарските тунели.

- Децата се принудени да прават нешто што ниедно дете претходно не го правело. Не е нормално деца да нуркаат во пештера на возраст од 11 години. Нуркаат во исклучително опасна околина, со никаква видливост - истакна Иван Караџиќ, член на меѓународната спасувачка екипа, кој за децата рече дека се неверојатно силни.

Меѓу децата што сѐ уште се во пештерата е и најмалото, кое има само 11 години.

Во меѓувреме, Осатанакорн љубезно ја отфрли можноста за употреба на технологијата на Илон Маск.

- Иако неговата технологија е добра, таа не е практична за оваа мисија - рече тој.

Маск на „Твитер“ истакна дека мини-подморницата е оставена кај пештерата во случај да затреба.

Лекарите истакнаа дека осумте спасени момчиња се добри, здрави и дека нормално зборуваат. Се очекува тие да поминат околу една недела во болница поради ослабнатиот имунолошки систем. Фамилиите на четирите момчиња што први беа извлечени ги посетија своите деца, но меѓу нив беше поставено стакло.