„Бубата“ го заврши патувањето

„Бубата“ го заврши патувањето

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Фолксваген“ неделава го прекинува производството на последната верзија на моделот „буба“ во фабриката во Пуебла, Мексико. Тоа значи крај на патот за возилото кое беше симбол 80 години, уште од 1938 година.

Овој автомобил беше дел од најмрачните моменти на Германија како никогаш реализиран нацистички проект, а потоа и симбол на германската економска повоена ренесанса и подемот на средната класа.

„Бубата“ беше пример за глобализацијата бидејќи се продаваше насекаде и стана препознатлива во целиот свет, а во САД во текот на 60-тите беше амблем на контракултурата.

Пред сè, овој автомобил останува препознатлив во историјата на дизајнот, исто како шишенцата за „кока-кола“. Оригиналниот дизајн е дело на австрискиот инженер Фердинанд Порше, кој бил ангажиран да го реализира проектот на Адолф Хитлер за „народен автомобил“ по примерот на „форд модел т“ во Америка.

Фабриката на „Фолксваген“ во 1949 година, под надзор на британските окупациски сили, е пренесена во сопственост на германската влада и покраината Долна Саксонија, која и денес е делумен сопственик на компанијата.

До 1955 година е произведена милионитата „буба“ во Волфсбург. Производството во Волфсбург завршува во 1978 година, со доаѓањето на новите модели, како „голф“.


Фото: Pixabay

Најважен странски пазар за овој модел станаа САД, каде што во 1968 година беа продадени 563.522 примероци, односно 40 отсто од годишното производство.

Новата „буба“ - модернизираната верзија во ретро-стил - е направена на платформата на „голфот“ и таа на пазарот излезе во 1998 година под надзор на директорот на „Фолксваген“, Фердинанд Пиех, потомок на Фердинанд Порше.

Последниот примерок од завршената серија од 5.961 автомобил ќе заврши во музеј по церемонија во Пуебла, денеска, кога ќе се обележи и крајот на производството.