Јужноафрикански тинејџери сами составиле авион и ја прелетале Африка

Јужноафрикански тинејџери сами составиле авион и ја прелетале Африка

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Авион направен од страна на јужноафрикански тинејџери успешно прелетал од Кејптаун до Египет за три недели.

Авионот „Слинг 4“, кој има четири седишта, бил составен од страна на 20 ученици од различно потекло. Авионот е составен за три недели од комплетот делови што им ги испорачала фабриката за виони во Јужноафриканската Република. Пилотот Меган Вернер (17) е основач на проектот „Ју-Дрим Глобал“, а нејзиниот татко Дес Варнер, кој инаку е комерцијален пилот, истакна дека обично се потребни околу 3.000 работни часа за составување авион како оној со кој летале тинејџерите, што значи дека учениците тоа го направиле значително побрзо од професионалците.

Прелетале 12.000 километри

Екипажот поминал 12.000 километри, а слетувал во Намбија, Малави, Етиопија, Занзибар, Танзанија и Уганда. Покрај нив бил авион со професионални пилоти како придружба и поддршка. Тинејџерската основна пилотска лиценца има ограничување бидејќи со неа е дозволено летање на висина каде што сè уште може да се види земјата и е забрането да се влегува во облаци.

Проблеми во Адис Абеба

Во главниот град на Етиопија, Адис Абеба, тинејџерите имале проблем со горивото и останале без придружниот авион, а летот го продолжиле само Драјан ван дер Хивер и Меган Варнер. Потоа тинејџерите летале без придружба 10 часа. Освен тоа, морале да летаат и над Судан, каде што има политички немири. Имале проблеми со електричниот систем на авионот по еден час од влегувањето во египетскиот воздушен простор. Таму одлучиле дека е подобро да слетаат на најблискиот локален аеродром во Каиро и да не одат до меѓународниот, како што првобитно било планирано.

Хаос во Египет

Слетувањето на локалниот аеродром предизвикало хаос, но тинејџерите слетале поради безбедносни причини. По слетувањето египетските власти сакале да ги уапсат и да им ги одземат пасошите и лиценците, но по неколку часа сè било решено и тинејџерите можеле да си го продолжат патот. Добиле гориво и продолжиле до Асуан, а потоа повторно до Каиро.



Одушевувања за успехот

Меган на крајот изјавила дека е воодушевена од успехот.

- Целта на иницијативата е да се покаже дека и во Африка е можно сè ако се посветите на целта - истакна таа.

Тинејџерите сакале да ги охрабрат младите луѓе да си ги остварат соништата, во што веруваме дека успеале.

Фото: Screenshot/BBC