Како Данска и Финска ги отворија училиштата и покрај пандемијата?

Како Данска и Финска ги отворија училиштата и покрај пандемијата?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Пандемијата на Ковид-19 предизвика ненадејни и невидени промени во образованието низ светот, погодувајќи повеќе од 1,5 милијарда ученици, од најмали до најголеми. Во март 2020 година, првпат во историјата, речиси сите училишта во светот ги затворија своите врати, оставајќи милиони деца без формален пристап до учење. Затворањето на училиштата ги тестира подготвеноста и капацитетот на образовните системи за одржување ангажман и учење на учениците, фрлајќи светло за нееднаквостите што постојат во земјите, а кои создаваат бариери за квалитетно образование, особено за најмаргинализираните.

Во целиот свет влијанието на затворањето на училиштата врз учењето на учениците ќе варира во зависност од социо-економскиот статус и степенот до кој училиштата и училишните системи имаат капацитет да обезбедат квалитетно образование од далечина. Како што објавив во неодамнешната анализа за затворањето на училиштата и одговорите на владата на Ковид-19, јазот во учењето меѓу богатите и сиромашните веројатно ќе расте за време на пандемијата - не само меѓу земјите со високи и ниски приходи, туку и во регионите со високи и ниски приходи во рамките на една земја.

Бидејќи креаторите на политиките планираат да ги отворат училиштата, учењето од искуствата на другите земји што веќе се отворија ќе биде особено корисно. Во овој извештај ги разгледувам искуствата на Данска и Финска, две од првите земји што веќе ги отворија училиштата со постепени чекори.

Кои фактори беа најважни при отворањето на училиштата?


Во Данска, одлуката за тоа кога и како да се отворат училиштата беше донесена од страна на централната власт заедно со парламентот. Ова им овозможи на општинските совети да развијат планови, а раководителите на училиштата и наставниците да го сторат истото за секое одделно училиште засновано врз упатства од Националниот одбор за здравство. Законското право на квалитетно образование многу влијаело врз одлуката за повторно отворање. Кога го најави повторното отворање на училиштата, владата призна дека во вакви околности училиштата и општините не можат да гарантираат дека децата добиваат образование во сите предмети за кои имаат право.

Финска имаше сличен процес на одлучување. Министерот за образование Ли Андерсон објави дека за продолжување на затворањето на училиштата владата треба да докаже дека отворањето училишта ќе биде неизбежно во сегашната ситуација и е „прашање на основните права“. Со оглед на тоа што земјата го запре ширењето на Ковид-19, пораката беше дека правото на децата на образование го надминало ризикот врз здравјето за да се вратат на училиште.

Во Финска, владата истакна дека правото на образование е субјективно право утврдено со Уставот и им припаѓа еднакво на сите. Во Данска, бидејќи средношколците поминаа голем дел од полугодието учејќи на далечина, оценките на крајот од годината беа суспендирани за учебната година. Главната причина за тоа беше да се избегне зголемената нееднаквост помеѓу оние ученици (од кои многумина се имигранти) што не успеале да добијат помош од училиштето или од дома.

uciliste
Фото: Pixabay

Кој прв треба да се врати на училиште?


При повторното отворање на економиите, носителите на одлуки се соочуваат со критичко прашање за тоа кои услуги и сектори треба да се отворат први. За креаторите на политиките во образованието, клучна одлука е кога и како да се отворат предучилишните установи и основните училишта, средните училишта и високообразовните институции.

Во Данска и во Финска, за одлуката за постепено повторно отворање клучна беше возраста, а најпрво се отворија училиштата за најмалите деца. Главниот фактор за оваа одлука беа новите докази кои укажуваат дека децата играат мала улога во ширењето на вирусот. Во Данска, предучилишните установи, центрите за рана детска грижа за најмалите деца и основните училишта од 0 до 5. одделение беа повторно отворени на 15 април. Во Финска, на 29 април владата најави повторно отворање на установите за рано образование и грижа за децата, како и основното образование (од 1. до 9. одделение) на 1 мај. Во Данска, централната влада објави дека општините ќе можат да ги отворат средните училишта на 18 мај.

Кои здравствени и безбедносни мерки треба да се спроведат во училиштата?


Откако се донесе одлуката за повторно отворање на училиштата, следен беше јасен план кој ќе даде приоритет на здравјето и безбедноста на учениците, наставниците и семејствата. Во двете држави беа воведени голем број мерки за јавното здравје. Меѓу нив, училиштата забрануваа вообичаени утрински состаноци што се одржуваа во училниците на почетокот на училишниот ден, беше забрането делење на храна и беа воведени нови превентивни практики, како почесто чистење и миење на рацете во текот на денот. Во Данска, просечната големина на класот беше околу 20 ученици пред Ковид-19, но сега класовите беа поделени на две до три помали групи и кога е можно, часовите се одржуваат надвор.

Данска воведе нови здравствени и безбедносни мерки за училиштата вклучувајќи:

1. Во училницата, учениците мора да седат на клупи оддалечени најмалку 2 метри;

2. Учениците мора да мијат раце на секои два часа;
3. Сите едукативни материјали и опрема мора да се чистат двапати на ден.

Во некои училишта беа поставени дополнителни тоалети и мијалници. За да се минимизира ризикот од зараза, многу училишта го намалија бројот на часови или остануваа затворени неколку дена. Учениците користат различни влезови во училиштата, а на родителите не им е дозволено да влезат во училишните згради. Ако некое дете или родител покаже дури и минимални симптоми, не смее да оди на училиште.

ucenici
Фото: Unsplash

Што да се очекува откако ќе се отворат училиштата?

Одлуката за повторно отворање на училиштата треба да се изгради во процеси не само за да се следат здравствените резултати, туку и да се поддржат раководителите на училиштата и наставниците, бидејќи тие постепено им служат на повеќе ученици. Првиот чекор е отворање нови комуникациски канали за решавање на проблемите.

Данскиот национален здравствен одбор подготви водич за училишните администрации и информативни материјали за наставниците и учениците, вклучително и брошури, постери и видеа. Слично на тоа, финската Национална агенција за образование формира е-пошта за провајдерите на образование, училиштата и организациите со меѓународни образовни програми за да добијат совети за коронавирусот и услугите за образование.

Друг важен проблем што треба да се разгледа е дали да се бара од учениците да се вратат на училиште откако ќе се отворат или да им се дозволи на семејствата да одлучат што е најдобро со оглед на нивните специфични околности. Во Данска, на семејствата им е дозволено да одлучат кога ќе ги испратат своите деца на училиште. Но во Финска премиерката Сана Марин истакна дека откако ќе се отворат училиштата, тие не би можеле да продолжат со далечинско образование, а на учениците што сакаат да ја завршат учебната година од дома ќе им треба посебна дозвола.

Покрај тоа, со оглед на веројатноста дека во иднина ќе се појават нови случаи на коронавирусот, носителите на одлуки треба да обезбедат поддршка за подобро подготвување на училиштата за кратко време да се преселат на учење од далечина. Лидерите на училиштата, наставниците и учениците треба да размислат за тоа што функционирало добро, а што не во периодот на учење од далечина и да направат план за приспособување во иднина. Владите треба да обезбедат сите ученици и студенти да имаат пристап до уреди и интернет-врска.

Постепеното повторно отворање на училиштата по кризата дава неспоредлива можност да се преиспитаат секојдневните искуства на учениците и наставниците. Со оглед на тоа што учениците мора да преземат водечка улога во сопственото учење, а наставниците требаше да се приспособат на далечинското предавање, се надеваме дека при враќањето на училиште интеракциите помеѓу наставниците и учениците ќе бидат подобри.

Автор: Емилијана Вегас
Извор: Brookings.edu