„Македонското пожарникарство е оставено на ентузијасти, благородната професија постепено замира“. Интервју со Боби Вељаноски, генерален секретар во Независниот синдикат за пожарникари

„Македонското пожарникарство е оставено на ентузијасти, благородната професија постепено замира“. Интервју со Боби Вељаноски, генерален секретар во Независниот синдикат за пожарникари

Подготвил: Радмила Заревска

Иден пожарникар треба да исполнува одредени психофизички карактеристики и норми, треба да биде соодветно теоретски и практично подготвен за оваа комплексна професија, која не значи само гасење на пожар, туку и спасување на луѓе од сообраќајни несреќи, биолошки и хемиски инциденти, земјотреси, поплави и друго

Пожарите кои од 2 август зафатија широк дел од територијата на Македонија, како Кочанско, Штипско, Прилепско, Кумановско, Гевгелиско, а најкритично беше на потегот од Пехчево до Делчево, треба да бидат последен аларм за државата да го промени односот и да почне процес за реформирање на системот за заштита од пожари. Пожарникарите вложуваат натчовечки напори да успеат да ги локализираат настанатите пожари секаде каде што се појавуваат, насочувајќи се да спасат што е можно повеќе материјални добра, имоти и секако човечки животи.

Боби Вељаноски, генерален секретар на Независниот синдикат на пожарникари на Македонија, пожарникар командир на вод во БППЗ на Град Скопје, со ефективен стаж како пожарникар од 27 години, вели дека од кадровскиот капацитет, каде недостасуваат пожарникари, па сè до техничкиот, во кој просекот на старост на техниката е над 27 години, се два основни елемента на кои треба итно да се работи.

- Голем дел од ангажираните пожарникари повеќе од 40 часа интензивно работат на терен, вложуваат натчовечки напори, не се жалат, зашто и самите знаат да кажат дека еднаш пожарникар, секогаш пожарникар, мото кое ги мотивира уште повеќе - вели Вељаноски.

Според него, пожарникарството е благородна професија и е најважната мирнодобска професија за заштита на граѓаните, не само од пожари туку и разни видови непогоди поплави, земјотреси.

- Пожарникарството е една од најскапите служби во една современа држава - заклучува тој.

Боби Вељаноски
Фото: Приватна архива

Колку противпожарните едници се подготвени за вакви предизвици?

- Прво е потребно јавноста да знае дека за гасење на шумските пожари од ваков облик, со опожарени огромни површини, не се доволни само ПП единиците. Тие се само еден дел од системот кој треба да даде соодветен одговор на ваквиот предизвик. Потребно е сите институции да постапат според нивната задачи во ваква сложена ситуација, пред сè, Дирекцијата за заштита и спасување, Македонски шуми, општините и сите останати субјекти одговорни за заштитата и спасувањето. Кога зборуваме за подготвеноста на ПП единиците потребна е подлабока анализа на состојбите во самите ПП единици и тоа од повеќе аспекти, потребна е анализа со каква опрема располагаат, со каков возен парк, каква е пополнетоста со човечки ресурси во самите ПП единици, каква е старосната структура на пожарникарите во ПП единиците и многу други показатели. ПП единиците се со намалени човечки ресурси, со застарена и дотраена опрема, но исто така и покрај сите потешкотии кои ги имаат и со вакви намалени ресурси со кои во моментов располагаат, на терен го даваат својот максимум. Граѓаните треба за знаат дека ПП единиците мора во секое време да обезбедат човечки ресурси и опрема за заштита на граѓаните на териториите кои ги покриваат, мораат да имаат доволно човечки ресурси за да можат соодветно да одговор на пожар, спасување луѓе. Во моментов ПП единиците се со ограничени можности и овие ограничени можности можат негативно да влијаат врз безбедноста на самите граѓани, како и врз безбедноста на самите пожарникари.

Фото: vlada.mk

Еден пожарникар работи за тројца

Одредени анализи покажуваат дека во државата има недостаток на пожарникари, зошто е тоа така? Се вршат ли обуки за нови пожарникари?

- Многу анализи правени изминативе години од различни институции покажуваат сериозен недостаток на пожарникари, односно дека недостасуваат околу 500 пожарникари на национално ниво, што е сериозна бројка. ИНСПМ во 2018 година направи анализа за кадровската пополнетост. Според Законот за пожарникарство, на 1.500 жители треба да има еден пожарникар, додека европските норми се на 1.000 жители еден пожарникар. Според последниот релевантен попис од 2002 година, во ПП единиците треба да има околу 1.350 пожарникари . Како релевантен би го земал податокот кој беше презентиран пред некој ден од Министерството за одбрана дека во моментов има 902 пожарникари. Ова не е доволно. Недостасуваат пожарникари во голем број единици, пред сè во оние единици кои се најангажирани, како Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Велес, Куманово и секако голем дел од помалите едиици. Ова е горлив проблем кој директно влијае врз безбедноста на самите граѓани и, секако, безбедноста на самите пожарникари, зашто со ваквата бројка на пожарникари и со овој зголемен обем на пожари, доаѓаме до заклучок дека еден пожарникар работи како за тројца. Потребни се нови пожарникари, потребна е стратегија за континуирано намалување на старосната граница, нешто што мора веднаш да почне да се прави. Стравувам дека ако ова не се направи, државата ќе остане без искусни и обучени пожарникари.

Ваква е состојбата пред сè поради финансиската неможност на голем дел од општините да си дозволат вработување на нови пожарникари. Ако вработат нови пожарникари, товарот за плати, работна облека, заштитна облека паѓа на нивни плеќи, а општините не сакаат да си го зголемуваат буџетот со нови издатоци. Државата одвојува средства од својот буџет за пожарникари кои биле преземени во 2005 година, а таа бројка е 729. Сè се врти околу финансиите, но мора овој проблем, кој реално постои 15 години, од денот на преминот на надлежноста кај локалната самоуправа, да биде конечно надминат.

Новопримените пожарникари имаат обврска да завршат соодветна обука, според Законот за пожарникарство член 11 став 14, кој гласи: Вработениот во територијалната противпожарна единица има обврска во рок од една година од денот на вработувањето, да се стекне со сертификат за стекната квалификација пожарникар, издаден од институција овластена од Министерството за образование и наука, во спротивно му престанува вработувањето.

Секој новопримен пожарникар има обврска да заврши курс за преквалификација за професија пожарникар во рок од една година. Иден пожарникар треба да исполнува одредени психофизички карактеристики и норми, треба да биде соодветно теоретски и практично подготвен за оваа комплексна професија, која не значи само гасење на пожар, туку и спасување на луѓе од сообраќајни несреќи, биолошки и хемиски инциденти, земјотреси, поплави и др. Реално постои проблем со едукацијата на новопримените пожарникари, проблем кој се провира од денот на пренос на надлежностите на ПП единиците под локална самоуправа.

Фото: Facebook (Центар за управување со кризи)

Дали кај младите има или нема интерес за оваа професија? И кои се причините?

- Според податоците кои стигнуваат до нас, сè поголем број млади луѓе сакаат да се занимаваат со оваа благородна професија. Оваа бројка би била поголема, но како најголемата причина ја гледаме во економскиот статус на пожарникарите, односно на личниот доход кој го добиваат самите пожарникари за трудот што го вложуваат. Личен доход кој не е во сооднос со тежината на оваа професија. Би им порачал на младите ако се чуствуваат способни да работат ваква напорна и стресна професија, да пробаат да ја работат.

Фото: vlada.mk

Македонските пожарникари сонуваат за европските стандарди

Во каква кондиција е техничката опременост на противпожарните единици?

- Ќе одговорам со еден податок од анализата на Центарот за граѓански комуникации кој изминативе денови се коментира. Според истиот извор, просечната старост на ПП возилата е некаде околу 28 години, податок кој кажува сè. Самата старосна граница ни кажува дека возилата уште многу многу предходно се амортизирани и истите денес создаваат големи трошоци за нивно тековно одржување односно ставање во кондиција за да можат да одговорат на сите предизвици со кои се соочуваме. Друг сегмент е заштитната опрема на самите пожарникари, проблем кој долги години станува сè погорлив, проблем кој изминативе години се решавал со донации, едноставно ова е проблем кој мора да биде решен приоритетно. Заштитната опрема е она што ги штити самите пожарникари поквалитетно да си ја вршат својата работа, да им даде сигурност во вршењето на работните задачи, едноставно да се чуствуваат безбедно.

Иако пред неколку години Дирекцијата за заштита и спасување го измени правилникот за видот и изгледот на униформата, видот на заштитната опрема и начинот и видот на нејзината проверка, истиот го осовремени, со што се пропишаа норми кои се на сила во ЕУ, сè уште пожарикарите остануваат без соодетна опрема пропишана со овој правилник.

Се надеваме дека државата, општините ќе изнајдат сила да го решат овој проблем што е можно поскоро, а соодветните институции во ДЗС ќе извршат проверка како правилникот се имплементира во пракса.

Фото: Facebook (Центар за управување со кризи)

Колку нашата противпожарна заштита е блиску со до европските стандарди? Колку се работи на тоа?

- Нашата ПП заштита заостанува многу зад европските стандарди, а во пракса тоа можеше да се види и изминативе денови, особено со доаѓањето на помошта од австриските пожарникари, кои ја употребувааат најсовремената ИТ технологија, сателитски снимки, поставуваат метеоролошка станица која им дава податоци во реално време за метеоролошките услови, брзина на ветар, негова насока, температура, влажност на воздух, поставуваат резервоари за вода на високите точки и се она што е потребно за ефикасно справување со шумски пожар од големи размери. Како НСПМ работевме во насока да станеме членка на некоја од Европските организации на пожарникарите, членуваме во две меѓународни организации ПСИ ЕПСУ И ЕФФУА, што ни дава можност да ги согледаме изворно состојбата со ПП заштитата во земјите-членки на ЕУ. Во контактите со нив ги согледавме реалните состојби во земјите од ЕУ, но и состојбите во земјите од нашето соседство. Потребна е државна стратегија за развој на ПП заштитата кај нас, потребна е поголема посветеност на државата во опременувањето на ПП единиците со возила, опрема за гасење и секако заштитна облека на пожарникарите, нешта кои мора да се заменат и осовременат.
Како синдикат, отворено да ја повикуваме државата да почне да се грижи за економскиот и социјалниот статус на пожарникарите, да почне поинтензивно да инвестира во нас, во ПП заштитата, а ние, со нашата работа ќе придонесеме сите да се чувствуваме безбедно.