„Еден пад не ја определува вредноста и иднината на младиот човек“, вели психологот Марија Младеновска-Димитровска за неуспехот на матурата и незапишувањето на саканиот факултет
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Паѓањето на државната матура или незапишувањето на посакуваниот факултет може да биде прилично фрустрирачко и стресно искуство за младите и да предизвика разочарување поради неостварените цели, желби и аспирации, вели м-р Марија Младеновска-Димитровска, психолог, магистер на клиничка и советодавна психологија, воедно и училиштен психолог во Средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола.
Засега нема официјални податоци колку матуранти не успеале да ја положат матурата во 2026 година. Од Државниот испитен центар соопштија дека во јунскиот рок 12.184 матуранти се пријавиле да полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура и 127 државна уметничка матура, или вкупно 15.586. Една од ретките години кога јавно беше соопштен бројот на неположени е 2018, 2.512 ученици не матурираа.
Многу успешни луѓе доживеале академски неуспеси
Со Младеновска-Димитровска разговаравме какви емоции може да предизвика ваквото премреже во животот на младите и како да им се помогне?
- Во такви ситуации најчесто се јавува чувство на разочарување и тага, бес, срам, вина, страв од неуспех, чувство на неправда, пад на самодовербата, безвредност, намалување на мотивацијата, анксиозност. Во поретки случаи депресивност, повлекување од социјални контакти, па сѐ до нарушувања на спиењето, апетитот и концентрацијата. Може значително негативно да влијае врз младиот човек, за сликата за себе, за својата вредност - вели Младеновска-Димитровска.
Важно е, додава таа, да се има предвид дека многу успешни луѓе доживеале академски неуспеси, но токму тие станале пресвртница за нови можности. Неуспехот на матурата или незапишувањето на посакуваниот факултет претставува тежок и емотивен момент, но не ја одредува животната вредност, потенцијалот или идниот успех на еден млад човек.
Не со зборовите „не е ништо“ и „ќе помине“
Поддршката, разбирањето и навремената психолошка помош можат значително да го намалат ризикот од долготрајни негативни последици и да ги вратат надежта и мотивацијата. Треба да се посвети внимание на тоа како ученикот реагира на таа фрустрација и како го доживува неуспехот. Важно е родителите, наставниците и стручните служби навреме да ги препознаат неговите реакции и да поразговараат.
- Во ваков случај не треба да се фокусираме само на академскиот резултат, туку и на тоа како ученикот го доживува неуспехот. Многу е важно да му ги валидираме чувствата, да ги прифатиме, не треба да му ги минимизираме со изјави како „не е ништо“ или „ќе помине“. Да му дадеме поддршка дека еден неуспех не ја определува неговата вредност, ниту неговата иднина, да го охрабриме да ги согледа алтернативните можности, да не го споредуваме со други деца, да му помогнеме да ги планира следните чекори, да ја зголеми самодовербата и вербата во себе и во своите капацитети - нагласува Младеновска-Димитровска.
Марија Младеновска-Димитровска
На удар несигурните и перфекционистите
Ризикот за непријатни чувства е поголем кај младите што се изложени на силен притисок, имаат ниска самодоверба, перфекционисти се, немаат доволна емоционална поддршка или претходно имале психолошки проблеми.
Родителите се првите што можат да забележат дека нивното дете тешко се справува со неуспехот. Раната поддршка може да спречи една привремена животна криза да прерасне во подолготраен психолошки проблем. Тие треба да покажат емпатија, да избегнуваат критика и споредби и да му дадат до знаење на своето дете дека неговата вредност не се мери преку една оценка или еден резултат.
- Најголемата грешка е да се мисли дека „ќе помине само од себе“ или дека станува збор за обично разочарување кое не заслужува внимание. Најважната улога на родителите е да создадат чувство на сигурност. Наместо прекорување, обвинувања или споредби со други деца, потребни се разговор, разбирање и безусловна поддршка. Детето треба да почувствува дека е сакано и прифатено без оглед на резултатот што го постигнало. Но, ако реакциите се интензивни, траат подолго време или почнат да го нарушуваат неговото секојдневно функционирање, тогаш родителите не треба да чекаат, туку да побараат стручна психолошка помош - советува Младеновска-Димитровска.
Не е знак на слабост да се побара психолошка помош
Во нејзината психолошка практика се сретнала со ученици кои тешко го доживеале неуспехот на испит, незапишувањето на посакуваниот факултет или други академски разочарувања.
- Многу е важно да создадеме безбеден простор во кој ученикот ќе може слободно да ги изрази своите чувства без страв од осуда. Најважно е да се почувствува дека е слушнат, разбран и прифатен. Потоа работиме на препознавање и прифаќање на емоциите, намалување на чувството на вина и неуспех, како и на јакнење на самодовербата и психолошката резилиентност - додава таа.
Нагласува дека барањето психолошка помош не е знак на слабост или неуспех. Напротив, тоа е одговорен чекор со кој навремено се спречува продлабочување на психолошките тешкотии и му се помага на младиот човек да ја врати самодовербата.
- Целта не е само ученикот да го преброди моменталното разочарување, туку да научи како да се справува со неуспесите и предизвиците што животот неизбежно ги носи - вели Младеновска-Димитровска.
Фото: приватна архива