Дали ни е запишано во гените да бидеме академски (не)успешни?

Дали ни е запишано во гените да бидеме академски (не)успешни?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Децата многу се разликуваат во тоа какви резултати имаат на училиште. Во последниве години истражувачите покажаа дека околу две третини од разликите во училишните постигнувања на децата можат да се објаснат со разликите во гените.

Излегува дека гените влијаат врз тоа колку децата постигнуваат резултати на училиште, на крајот од задолжителното образование, па дури и во различни предмети.

Но, помалку е познато како генските и еколошките фактори придонесуваат за тоа колку добро детето продолжува да работи во текот на училишните години.

За да го проучат ова, истражувачите употребиле примерок од повеќе од 6.000 пара близнаци, дел од истражувањето „Ран развој на близнаци“ од Велика Британија. Истражувачите ги анализирале нивните поени од тестовите од основно до средно училиште. Истражувањето покажало дека образовните постигнувања на близнаците биле доста стабилни: децата што покажале успех во основно образование имале таков успех и во текот на средното образование.

Користењето близнаци им овозможило на научниците да го проценат процентот на разлики што може да се објасни со генски фактор. Идентичните близнаци делат 100 отсто од нивните гени, додека двојајчените близнаци имаат 50 отсто од гените. Ако идентичните близнаци се повеќе слични во одредена особина од неидентичните близнаци, како што е нивното училишно постигнување, може да се заклучи дека тоа е под влијание на нивните гени. Потоа, може да се процени наследноста на таа особина - или процентот на разлики што се однесува до разликите во детската ДНК-секвенција.

dnk
Фото: Getty Images


Научниците ги анализирале факторите што влијаеле врз стабилноста во образовните постигнувања - кога оценките во стандардизираниот тест остануваат слични меѓу основното и средното образование. Тие откриле дека околу 70 отсто од стабилноста во постигнувањето се објаснува со генските фактори, додека 25 отсто отпаѓаат на заедничката средина на близнаците, како што е растењето во исто семејство и посетувањето исто училиште. Останатите 5 отсто биле објаснети со нивната (не)споделена средина, како различни пријатели и различни наставници.

Онаму каде што имало промени во образовните постигнувања - кога оценките се зголемувале или паѓале помеѓу основно и средно образование - тие откриле дека ова било објаснето со фактори на животната средина што близнаците не ги делеле.

Разумно е да се претпостави дека ова значително влијание на гените врз континуитетот на постигнувањето на децата на училиште може да биде објаснето со интелигенцијата. Но, научниците откриле дека влијанието на гените и натаму е значително - до 60 отсто - дури и ако се земе предвид интелигенцијата, која била мерена со користење на неколку вербални и невербални тестови направени од близнаците во текот на детството и адолесценцијата.

Додека истражувањето спроведено врз близнаците покажува за особините во рамките на големите групи луѓе, неодамнешните научни достигнувања откриваат повеќе за влијанието на гените врз поединецот. Постои значаен неодамнешен успех во идентификувањето на генските варијанти поврзани со постигнувањата на образованието преку она што се нарекува широко проучување на геномите. Овие истражувања ги посочуваат генските маркери поврзани со одредени особини. Сепак, секој генски маркер објаснува многу мал процент на индивидуалните разлики во перформансите на училиште.

Во иднина, предвидувањето на полигените резултати, заедно со предвидувањето на еколошките ризици - како што се изложеност на одредени населби, семејства и училишни карактеристики - може да обезбеди алатка за идентификување на деца со образовни проблеми многу рано во животот. Потоа, тие би можеле да добијат индивидуализирани програми за учење.

На пример, би можеле да се користат ДНК-тестови за да се идентификуваат децата со генски ризик за развој на проблеми во читањето и со тоа да се овозможи рана интервенција.