Плутон сепак е планета! Најново истражување ја открива грешката при класификацијата

Плутон сепак е планета! Најново истражување ја открива грешката при класификацијата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Причината поради која Плутон го изгуби статусот на планета не е валидна, покажува најновото истражување од Универзитетот во Централна Флорида.

Во 2006 година Меѓународната астрономска унија, глобална група составена од астрономски експерти, воспостави дефиниција за планета што вели дека една планета треба да ја „расчисти“ својата орбита, или со други зборови, да биде најголемата гравитациона сила во нејзината орбита.

Бидејќи гравитацијата на Нептун влијае врз нејзината соседна планета Плутон, а Плутон ја дели својата орбита со замрзнати гасови и објекти во Кајперовиот појас, тоа значи дека Плутон е надвор од статусот на планета. Сепак, во ново истражување планетарниот научник Филип Мецгер од вселенскиот институт од универзитетот во Флорида објави дека овој стандард за класификација на планетите не е поддржан од истражувачката литература.

pluton
Фото: NASA

Тој ја прегледал научната литература од изминатите 200 години и открил само една публикација, од 1802 година, која го употребила условот за расчистување на орбитата за класификација на една планета и тој услов бил заснован на постојно несоодветно размислување.

Тој изјави дека месечините како Титан на Сатурн и Европа на Јупитер рутински се нарекуваат планети од страна на планетарните научници уште од времето на Галилео.

- Дефиницијата на Меѓународната астрономска унија е дека основниот предмет на планетарната наука, планетата, треба да биде дефиниран врз основа на концептот кој никој не го користи во истражувањето, со што ќе ја изостави втората најкомплексна и интересна планета во нашиот Сончев Систем. Сега имаме листа со повеќе од 100 примери на планетарни научници кои го користат зборот планета на начин што ја нарушува дефиницијата на Меѓународната астрономска унија, но го прават тоа затоа што е функционално корисно. Станува збор за несигурна дефиниција. Тие не кажуваат што мислат со тоа „расчистување“ на нивната орбита. Ако го сфатите тоа буквално, тогаш нема планети бидејќи ниту една планета не ја расчистува својата орбита - вели тој.

Планетарните научници велат дека прегледот на литературата покажал дека вистинската поделба меѓу планетите и другите небесни тела како астероидите се случила во почетокот на 50-тите, кога Џерард Кајпер објавил труд во кој ја направил разликата врз основа на тоа како биле формирани.

Коавторот на истражувањето, Кирби Рунјон од лабораторијата за применета физика на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Лорел, Мериленд, вели дека дефиницијата на Меѓународната астрономска унија е погрешна бидејќи прегледот на литературата покажал дека расчистувањето на орбитата не е стандард што се користи за правење разлика помеѓу астероидите и планетите, како што тврдела унијата кога ја изработила дефиницијата за планета во 2006 година.

- Покажавме дека ова е лажно историско тврдење. Затоа е лошо да се примени истото резонирање на Плутон - вели тој.

Мецгер препорачува да се класифицира планетата врз основа на тоа дали е доволно голема така што нејзината гравитација ѝ овозможува да стане сферична во формата.

- И тоа не е само арбитрарна дефиниција. Излегува дека ова е важна пресвртница во еволуцијата на планетарното тело бидејќи кога се случува, таа иницира активна геологија во телото - вели Мецгер.

Плутон, на пример, има подземен океан, повеќеслојна атмосфера, органски соединенија, докази за стари езера и повеќе месечини.

- Подинамична е и пожива од Марс. Единствената планета што има посложена геологија од Земјата - вели тој.