Психичките болести се почести во области со загаден воздух

Психичките болести се почести во области со загаден воздух

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Загадувањето на воздухот може да го зголеми ризикот од сериозни психички заболувања, како што е депресијата, откриле истражувачите во ново истражување што го поврзува психичкото здравје со квалитетот на воздухот.

Поголемата зачестеност на биполарно нарушување и други болести била откриена во региони на САД и Данска каде што квалитетот на воздухот бил особено лош, се вели во извештајот на научниците од Универзитетот во Чикаго.

Научниците ги проучувале податоците од компаниите за здравствено осигурување на 151 милион луѓе. Тие се фокусирале на зачестеноста на биполарно нарушување, тешка депресија, нарушувања на личноста, шизофренија, епилепсија и Паркинсонова болест.

- Овие невролошки и психијатриски болести, скапи и во финансиски и во социјален поглед, се чини дека се поврзани со животната средина, особено со квалитетот на воздухот - изјави биологот Атиф Кан.

Научниците ги споредиле научните податоци со квалитетот на воздухот врз основа на податоците од американската агенција за заштита на животната средина.

Во регионите со послаб квалитет на воздухот 6 отсто повеќе луѓе страдале од силна депресија во споредба со областите со добар квалитет на воздухот. Во случај на биполарно нарушување стапката на инциденција била поголема за 27 отсто.

Во вториот дел од истражувањето научниците го анализирале лекувањето на повеќе од 1,4 милион луѓе родени во Данска помеѓу 1979 и 2002 година, како и податоците за животна средина.

Тука стапката на тешка депресија во области со големо загадување на воздухот била за 50 отсто поголема отколку во областите со чист воздух. Научниците откриле и повисоки стапки на други психички заболувања во Данска: 162 отсто за нарушувања на личноста и 148 отсто за шизофренија. Истражувањето било критикувано од Џон Јоандис од Универзитетот „Стенфорд“, Калифорнија, кој вели дека има значителни недостатоци. Така, на пример, во американскиот дел од истражувањето податоците за животна средина биле од 2000 до 2005 година, додека дијагнозите на болестите биле од 2003 до 2013 година.