Носот може да намириса сериозни, скриени здравствени проблеми

Носот може да намириса сериозни, скриени здравствени проблеми

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Носот е дел од лицето што нашиот мозок научил да го игнорира бидејќи се наоѓа во таков регион што би можел да му пречи на видот, но нервниот систем паметно го филтрира. Сепак, човекот секогаш може да си го види носот, без огледало. Доволно е да го затворите едното око или да погледнете лево, десно или надолу и носот ќе се појави во видното поле.

Носот може да „дијагностицира“


Сепак, научниците велат дека носот е дел од телото кој воопшто не треба да се игнорира бидејќи неговата состојба може да ни помогне да дијагностицираме надворешни кожни состојби - како и внатрешни болести.

Акни


Иако постојат многу форми на акни, акните вулгарис се најчести - и често го зафаќаат носот. Оваа состојба на кожата е предизвикана од затнати ситни жлезди во кожата кои лачат себум/масло, што доведува до отворени и затворени комедони. Отворените комедони - попознати како митесери, развиваат темно обоен чеп, додека затворените комедони се бели точки кои се формираат кога порите се целосно блокирани. Затнатите пори, исто така, може да се развијат во поголеми грутки и испакнатини кои можат да се инфицираат, да се воспалат и да се наполнат со гној, па дури и да предизвикаат лузни на кожата.

Акни розацеа имаат поинаков изглед. Тоа е воспалителна состојба на кожата која предизвикува еритем или црвенило на кожата, најчесто над носот и образите. Розацеа во моментов е неизлечива, но може да се контролира, често со долготрајни третмани. Пациентите со розацеа може да развијат папули и пустули слични на исип, кои личат на акни - а исто така имаат видливи крвни садови кои се појавуваат како тенки црвени или виолетови линии низ носот и образите. Во некои случаи розацеата може да предизвика состојба наречена ринофима - кожно нарушување што предизвикува носот да се зголеми и да стане црвен, нерамен и луковичен. Се смета дека е резултат на нетретирана, тешка розацеа и, како и другите видливи кожни заболувања, може да доведе до сериозни промени во изгледот и сериозно да влијае врз самодовербата на заболените.

Лекарите потсетуваат дека и акните вулгарис и розацеата се поврзани со различни ризик-фактори и здравствени состојби. Во случај на розацеа, на пример, носот може да „намириса“ дека личноста има проблеми со висок крвен притисок, холестерол, дијабетес и ревматоиден артритис.

„Волчји нос“

Саркоидозата е воспалителна болест која може да влијае врз секое ткиво во телото - иако главно врз белите дробови и лимфните јазли. Состојбата може да предизвика дамки со синкав или виолетов исип, особено на екстремитетите на телото каде што кожата е обично поладна. Тука спаѓаат ушите, прстите на рацете и нозете, и секако, носот. Кога саркоидозата го зафаќа носот, таа е позната како лупус пернио, иако името е погрешно бидејќи оваа состојба не е иста како автоимуната болест позната како лупус. Лупус е сосема поинаква состојба кога телото ги напаѓа сопствените ткива. Името го добило од латинскиот збор за „волк“ и датира од средниот век кога се вели дека исипот на кожата личи на каснување од волк.

Кога лупус, наместо саркоидоза, ја зафаќа кожата, се развива исип на пеперутка - или маларен исип, кој се шири преку образите и мостот на носот. Овој исип може да изгледа многу слично на розацеа. Всушност, лупусот е познат како „голем имитатор“ бидејќи има слични симптоми како многу различни болести.

Тригеминален трофичен синдром

Тригеминалниот трофичен синдром е ретка состојба предизвикана од оштетување на тригеминалниот нерв, кој го контролира џвакањето, но и остава траги на кожата на лицето. Кога се оштетени помалите нервни гранки кои ја снабдуваат областа на кожата околу ноздрите, нејзината чувствителност се зголемува.

Пациентот забележува дека кожата станува десензибилизирана или вкочанета - или има боцкање, придружено со чешање. Доколку таквата состојба дополнително се оштети, може да предизвика развој на чирови околу ноздрите. Оваа состојба е различна од дерматоломанијата - кога психолошката компулзија го тера човекот да сака да ја „искорне“ кожата.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik