Луѓето гласаа за најлошиот град во Европа: Приштина на врвот на листата, а главниот град на нашите соседи го нарекоа „село“
Расправата на „Редит“ за тоа кој европски главен град остава најлош впечаток привлече речиси 500 коментари, а меѓу имињата што најчесто се повторуваа се најдоа Приштина, Подгорица и Кишинев. Сепак, критиките не ги заобиколија ни некои од најпознатите метрополи во Западна Европа.
Прашањето „Кој е најлошиот главен град во Европа?“ се појави на популарниот форум на „Редит“, по што корисниците почнаа да споделуваат лични искуства од патувањата. На едни им пречеа недостигот на содржини и лошата инфраструктура, на други нечистотијата, сообраќајниот метеж или чувството на несигурност.
Секако, станува збор за субјективни впечатоци, па мислењата драстично се разликуваа.
Приштина се појави меѓу првите одговори. Еден корисник беше многу краток: „Приштина, без дилема“. Друг, кој тврди дека посетил 34 европски престолнини, како најмалку интересна ја издвои Подгорица.
- Бев во 34 европски престолнини, но најмалку интересна беше Подгорица. Дури и Приштина се труди - напиша тој.
Подгорица беше една од најчестите мети на критики. Еден корисник оцени дека градот воопшто не изгледа како главен град, туку повеќе како поголемо село, додека друг напиша дека практично секој друг град во Црна Гора му е поинтересен.
Сепак, имаше и такви што ја бранеа црногорската престолнина. Некои корисници нагласија дека Подгорица можеби не е туристички најкарактеристичниот дел од земјата, но дека нејзина голема предност е близината до морето, Скадарското Езеро, планините и историските места како Пераст.
Ниту главниот град на Молдавија, Кишинев, не помина многу подобро. На листата со градови кои добија доста критики се најдоа и Софија, Минск, Букурешт и Тирана. Кај Тирана одредени корисници посебно го истакнуваа недостигот на метро и железничка инфраструктура, како и последиците од брзиот и, според нивното мислење, недоволно планиран развој на градот.
Интересно е што негативните коментари не беа резервирани само за помалите или помалку познатите престолнини.
Брисел доби голем број критики. Еден корисник го прогласи за најлош главен град во Западна Европа, додека друг беше уште поостар и едноставно го нарече „депонија“.
Сепак, многумина веднаш застанаа во одбрана на белгиската престолнина, наведувајќи ги нејзината гастрономска понуда, културата, парковите и изразено меѓународната атмосфера. Еден од коментаторите го опиша како живописен, разновиден и модерен град, со голем број кафулиња, барови, ресторани и културни настани, но призна дека истовремено може да изгледа сиво и валкано.
Даблин, исто така, предизвика поделени реакции. Дури и еден корисник од Ирска ја издвои сопствената престолнина, додека други одделни делови од центарот ги опишуваа како валкани и непријатни. Во коментарите често беа споменувани бездомништвото, проблемите со дрога и сериозната станбена криза.
Критиките не ги избегна ниту Рим. Еден корисник, кој тврди дека ги посетил речиси сите европски главни градови и живеел во осум од нив, ја издвои италијанската престолнина поради нечистотијата, проблемите со јавниот превоз, сообраќајните метежи и огромниот број туристи.
Беше споменат и Париз, иако многумина беа изненадени што еден од најпосетените градови во светот воопшто се најде во ваква расправа.
Еден од учесниците ја опиша Атина како „грда бетонска џунгла“ штом ќе се излезе од туристичките зони. Други веднаш возвратија дека таквиот опис го занемарува исклучителното историско наследство на градот, неговото крајбрежје и деловите што значително се разликуваат од најтесниот центар.
Во расправата се појавија и Братислава, Кардиф и Минск, додека еден корисник без дополнително објаснување како најлоша европска престолнина едноставно ја наведе Софија.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific