Младите и идејата за Европа - поделени чувства и (не)реални очекувања

Младите и идејата за Европа - поделени чувства и (не)реални очекувања

Од перспектива на генерација која имаше исклучително високи очекувања од реформаторските и еманципаторските перспективи на процесот на европеизација, по дваесет и пет години од започнувањето на значајните и конкретни делови на овој процес (Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија во 2001 година), време е повторно да се постави прашањето за тоа како денес младите луѓе во македонското општество ја доживуваат ЕУ, каков однос имаат кон неа и можеби најважно од сè – каков емотивен тон негуваат кон европскиот проект. На ова прашање одговор се обиде да даде проектот RECAS (The Regional Network of Centers for Advanced Studies), преку квалитативна методологија на делиберативни форуми со млади учесници од државите во регионот. Вкупно шест делиберативни форуми со млади луѓе (18-25 години) беа одржани во регионот на Југоисточна Европа и тоа во Тирана, Сараево, Приштина, Подгорица, Белград и Скопје. Целта на овие делиберативни форуми беше да се осознае како младите ја доживуваат Европа, како ја разбираат својата улога во процесите на европеизација, но и каква е иднината на нивните држави и регионот на Западен Балкан во претстојните процеси на европско тло.

На дофат, а сепак далеку

Постојат неколку клучни сличности, но и изразени разлики во перцепциите кон ЕУ на генерацијата на која јас ѝ припаѓам споредено со младите испитаници опфатени со делиберативните форуми во регионот. Она што изненадува е дека и покрај тоа што процесот често доживуваше одолжувања и повремени неуспеси, младите во регионот сепак се идентификуваат со европскиот проект најмногу преку вредностите кои сметаат дека се инхерентни за ЕУ, како што се демократијата, човековите права, владеењето на правото, мирот, социјалната заштита и институционалната стабилност. Се препознава нормативниот капацитет на ЕУ кој станува референтен за да се компарира и премери ефикасноста, ефективноста и стабилноста на домашниот политички и институционален поредок. Целта е јасна – стандардите што постојат во ЕУ да се пресликаат на домашен терен со цел (по)добро управување и институционално зајакнување однатре. ЕУ сè уште има еманципаторски потенцијал во очите на младите, што е непроменето од времето кога мојата генерација припаѓаше на оваа старосна кохорта.
Она што е, исто така, слично е дека младите ја препознаваат слабоста на институционалниот поредок на домашен план најмногу преку видливите слабости како корупцијата, слабата отчетност на институциите, селективната примена на законите, бавните реформи, но и ограничените можности што им се нудат на младите луѓе и кои ја лимитираат нивната партиципација. Токму овие ограничувања ги фрлаат младите во состојба на цинизам и недостиг на доверба кон институциите и политичките актери, но од друга страна, ја раѓаат потребата да се бара нормативна референција кон која институционалниот и политички поредок ќе се стреми. Тоа е секако ЕУ. Она што делумно изгледа песимистички од моја лична перспектива е што мојата генерација го имаше истиот став и истиот изразен цинизам кон политиката и институциите. Но тоа беше на самиот почеток на осамостојување на државата, во време кога бевме свесни за постојните дефицити и свесни дека нашето општество е сè уште проект во настанување. По четвртина век, евидентно дека нема големо поместување на ова поле.
Онаму каде што има поместување, што секако е позитивно, е фактот дека младите денес изразуваат и јасни резерви кон процесот на европеизација, поставуваат прецизни барања до ЕУ како актер и активно го проектираат своето место во целиот процес. Од една страна, младите бараат ЕУ да има проактивна улога во државите во регионот преку поддршка на реформските агенди, но јасно порачуваат дека недоследностите во динамиката на проширување и дефицитите во функционирањето на ЕУ го саботираат нејзиниот кредибилитет и раѓаат цинизам, скептицизам и незаинтересираност, што е погоден материјал за манипулација од страна на локалните политички елити. Кон ова се придодава и пораката дека ЕУ мора многу посериозно да ја сфати својата улога како геополитички актер, да ги надмине внатрешните поделби и да ја подобри својата глобална позиција. Во спротивно, ризикува да стане ирелевантен политички актер, што сериозно ја нарушува нејзината кредибилност и сериозност во очите на младите.

Младите луѓе во регионот имаат реалистичен став кон ЕУ – свесни се за нејзината силна улога како нормативен актер, но и за слабостите што произлегуваат од нејзината геополитичка недовршеност и повремените дефицити на кредибилитет во процесот на проширување. Во таа смисла, не постои лажен оптимизам кај младата генерација дека државите во регионот наскоро ќе бидат вклучени во процесите на одлучување во ЕУ. Напротив, постои комплетно реална перцепција дека иако идентификацијата со европските вредности е потполна, вклученоста во европскиот проект е процес кој допрва следува и во кој најмалку две страни треба да испорачаат – државите од регионот, но и самата ЕУ која мора да го иновира својот пристап, да го зголеми својот ангажман и да најде оригинални начини да пристапи на една комплетно приземна и освестена генерација на млади луѓе. Нереалниот оптимизам на мојата генерација е заменет со освестен реализам на информирани млади луѓе кои своето место го бараат таму каде што заслужено им припаѓа – во рамките на европскиот проект. За разлика од мојата генерација – тие не брзаат.

Македонскиот контекст - помеѓу лимбо и умерен оптимизам

Делиберативниот форум одржан во рамките на проектот RECAS во Скопје, со млади луѓе помеѓу 18 и 25 години, покажа дека младите во Северна Македонија главно не отстапуваат од регионалната слика во своите перцепции и ставови, но дека македонскиот контекст има свои специфики кои се врзани за локалните збиднувања. Атрибутите што младите луѓе во Северна Македонија ги користат за да ја опишат Европа укажуваат дека на неа сè уште се гледа како на референтен стандард, не само како комплексен, но функционален институционален и политички систем, туку и како развиен цивилизациски простор со своја институционална меморија, културно наследство и напредни стандарди на добро владеење и управување. Мобилна, развиена и цивилизирана се трите основни атрибути кои можат да се извлечат од мноштвото перцепции, а не се негира ниту релевантноста на европскиот проект за секојдневното живеење и функционирање на младите.
Поврзаноста на локалниот контекст и европскиот проект на секое ниво им е исклучително јасна на младите во државата. Политичката и економска зависност од ЕУ, поврзаноста преку НАТО како своевиден европски безбедносен чадор, мобилноста во едукацијата и пазарот на труд, можностите за едукација и работа во поширок контекст, но и информативното и медиумско присуство на ЕУ во државата се само дел од процесите кои ги поврзуваат двете страни. Во оваа смисла, Европа не е некаква „другост“, туку е присутна во секојдневниот живот на младите, таа им е на дофат и ги обликува нивните амбиции и аспирации. Не се поставува прашањето дали македонските млади припаѓаат идеолошки и вредносно на Европа. Тоа прашање е апсолвирано. Сепак, она што не е апсолвирано и донекаде ги саботира овие позитивни чувства кај младите е прашањето на формалното припаѓање.
Иако со силен нормативен потенцијал и еманципаторски перспективи, младите на европскиот проект гледаат, можеби не како на далечен, туку повеќе како недовршен и несовршен. И покрај чувството на културно припаѓање кон европскиот цивилизациски простор, паралелно постои и чувство на отфрленост и исклученост од процесот на формално припаѓање кој раѓа чувство на огорченост кое доаѓа од константното позиционирање во политичко лимбо кое учесниците го опишуваат како состојба „помеѓу аспирација и исклучување“. Клубот во кој сакаме да припаѓаме и кон кој вредносно се обидуваме да се приближиме мора да покаже поголем интегритет и политички морал во намерата да нè вклучи, без перманентно да нè држи на рабовите на политичките маргини на истиот проект на кој се обидува да му го одржи легитимитетот. Како што кажа мојот почитуван колега проф. д-р Сеад Турчало во случајот на Босна и Херцеговина, ЕУ не смее од нас да направи „политичка периферија“ дефинирана од перманентната чекалница во која се наоѓаме. Едноставна, а моќна порака од младите до ЕУ. А јасни пораки имаат и за дома.

Дома не сме добри

Видливото незадоволство кај младите, а не е претерано да се каже и евидентната фрустрација, има двоен извор. Едниот е секако недовршениот и исклучително бавен процес на проширување на ЕУ кон Југоисточна Европа, во кој се запоставени мерит-системот и напорите кои државите ги вложуваат, каде што во прв план доаѓаат процеси кои имаат многу малку заедничко со некаков систем на заслуги. Вториот извор се веќе споменатите институционални слабости на домашниот политички поредок, кон чиј легитимитет младите искажуваат резерви и скепса. Врската меѓу овие два феномени, слабоста на процесот на проширување и легитимирањето на европскиот проект од една страна, и домашната институционална слабост од друга страна, и не е така очекувана во перцепциите на младите луѓе. Таа врска младите ја градат преку барањето Европа да биде поодговорна во делењето финансиска помош на државата, а државата за возврат да биде и поодговорна и поотчетна во користењето на овие фондови. Со други зборови, младите не поддржуваат бесконечна и бескрајна финансиска поддршка од страна на ЕУ без соодветна одговорност и отчетност и се крајно критични кон перцепцијата дека „независно што и да направиме, Европа ќе продолжи да ни дава пари“. Барањето за институционална ефикасност, ефективност, транспарентност и отчетност покажува не само зрелост на младите во државата, туку и желба да се излезе од позицијата на „издржуван член на поширокото семејство“, што за жал не е нималку лесно. Младите ги прифаќаат европските вредности и спремни се да ги промовираат, но многу малку гледаат партнер во тие напори во ликот на домашните институции.
Европа се гледа како важен партнер во подобрување на институционалните слабости и сеопштата корупција, но истовремено од Европа се бара порезолутна акција и надминување на внатрешните поделби со цел да се одржи нејзината нормативна и еманципаторска репутација. Се бара проактивен и дефиниран пристап, кој истовремено ќе биде навремен и ќе го надмине јазот помеѓу декларираните вредности и политичките практики на ЕУ во државата и регионот.

Младите свесно избираат да бидат партнери во одржувањето на легитимитетот на европскиот проект и во подобрувањето на ефикасноста на домашниот институционален и политички систем, но тоа е невозможно без нивно вклучување директно во процесите. Покрај декларираната желба и евидентниот потенцијал себе си да се видат во улога на субјекти на промена, младите даваат и конкретни предлози каква би можела да биде оваа вклученост. Дебати во собраниските комисии за млади набљудувачи, централизирана платформа по примерот за ЕНЕР но само за младински политики на која ќе може младите слободно да коментираат, работа со политичките подмладоци, формирање на локалните младински совети се само дел од мерките кои младите ги предлагаат. Овие мерки би создале амбиент, но и можности за директна партиципација која инкрементално би ја менувала општествената клима и би донела до поголема вклученост на младите. Вклученоста за младите не е апстрактна идеја, таа има конкретни модалитети и механизми преку кои се остварува. И младите многу добро ги познаваат и побаруваат.

Теми и чувства

Во духот на една прагматична генерација со конкретни аспирации за успех, младите во Северна Македонија сметаат дека внатрешната демократска консолидација и институционалното зајакнување треба да им претходат на процесот на вклучување во европското семејство. Истовремено, јасно им е дека овој процес се чини невозможен без легитимитет на европскиот проект и поактивен ангажман на самата ЕУ. Во овој систем на повратна спрега или споени садови, младите приоритизираат теми како едукација, технолошки развој, институционални реформи, мониторинг и отчетност кон фондовите кои се добиваат од ЕУ, како и одговорност на медиумите кои неретко во своите перцепции ги посочуваат како манипулативни и одговорни за ширење евроскептицизам. Во изборот на теми јасно се наѕира патот кој Северна Македонија треба да го изоди ако сака да создаде одржлива иднина, како и конкретните чекори кои треба да ги преземе и областите во кои треба да дејствува.
Сепак, и покрај нагласеното чувство на гордост и вредносно припаѓање на младите кон европскиот проект, постојат неколку големи опасности кога зборуваме за емоциите што младите ги доживуваат кога ќе им се споменат европските собитија и нивните локални импликации. Едно од нив е сè поприсутната политичка апатија која е често хранета од незнаење и функционална неписменост, но е често и директна последица на веќе споменатите медиумски манипулации. Втората голема опасност е заморот кој процесот на проширување на ЕУ го донесе со себе, а кој ги зафаќа и младите. Овој замор не е веќе класичниот замор од проширување кај земјите членки на ЕУ, туку првпат е замор кај земјите кандидатки кои се веќе предолго во чекалницата. И третата опасност е социјалната поларизација која е присутна кај целото македонско општество по однос на сензитивни социјални прашања како што се на пример LGBTQ+ правата, каде што популациите од сите возрасти (па така и младите) се крајно поделени по ваквите прашања. Конфликтниот потенцијал на овие прашања не смее да се потцени, и треба претпазливо да се менаџира. 

* * *

Несомнено е дека еден од најдолгорочните феномени кај младите во последните две и пол декади е идентификацијата со европските вредности и со европскиот цивилизациски простор. Ваквото поистоветување се претвори во политичка константа која надминува веќе неколку генерациски кохорти и не се доведува под прашање. Сепак, внатрешните институционални и политички дефицити кои бавно напредуваат, како што бавно напредува и проширувањето на ЕУ во овој дел на Европа, полека но сигурно раѓа млади генерации кај кои полека се внедруваат чувства на разочараност, апатија и цинизам. И покрај силната желба за партиципација, младите чувствуваат дополнителна разочараност од недостигот на вклученост во значајните политички процеси, која не само што ја побаруваат, туку и нудат конкретни модалитети преку кои би сакале да ја остварат. Младите се спремни да ја поддржат промената и исчекорувањето напред кон европскиот проект. Но локалните политички актери и самата ЕУ мора да им станат партнери во овој проект. Во спротивно, ќе одгледаме само уште една генерација која ќе ги изгуби своите идеали и оптимизам, а Европа ќе ја запознае само низ призмата на мигрантска работна сила.


Автор: проф. д-р Ненад Марковиќ