Првиот хрватски сателит официјално регистриран во ОН
Првиот хрватски сателит официјално е регистриран во Обединетите нации (ОН). „Крокјуб“ е впишан во Регистарот на објекти лансирани во вселената на Обединетите нации, со што Хрватска го доби својот прв официјално регистриран вселенски објект.
Од тимот на „Крокјуб“ е порачано дека ова е важен завршеток на меѓународната регистрациска постапка и уште една голема пресвртница за хрватската вселенска програма. Државата што го регистрира сателитот ја задржува целата правна надлежност и контрола врз него додека тој се наоѓа во вселената. Регистрацијата одредува која држава сноси меѓународна правна и финансиска одговорност доколку сателитот предизвика штета на Земјата, во воздухот или врз други вселенски објекти. Податоците за сателитот стануваат јавно достапни во евиденцијата на ОН, со што се зголемува транспарентноста и се намалуваат сомнежите околу непознатите објекти во орбитата.
Лансиран кон крајот на 2024 година
Првиот хрватски сателит „Крокјуб“ беше лансиран на 21 декември 2024 година со ракетата „Фалкон 9“ од базата Ванденберг во Калифорнија. Снимката на која се наѕира Хрватска беше забележана на 28 јануари 2025 година во 8:16 часот по хрватско време, по што беше преземена на компјутер и детално анализирана за да се утврди што се наоѓа на неа.
Раководителката на мисијата, Даниела Јовиќ, тогаш истакна дека снимките од вселената направени од првиот хрватски сателит претставуваат неверојатно достигнување за Хрватска, ја потврдуваат успешноста на мисијата и ја отвораат вратата за идни вселенски проекти.
- На снимката што ја испрати од орбитата се наѕира територијата на Хрватска со делови од Италија и Словенија. Иако поголемите делови се прекриени со облаци, низ нив можат да се препознаат контурите на копното, масивите и планинските венци што го обликуваат тој регион - наведе таа.
Главната цел на проектот е да се поттикне технолошкиот развој на Хрватска
„Крокјуб“ е наносателит со димензии 10 x 10 x 10 cm и маса од 1,1 kg, кој од својата орбита ја фотографира Земјата и врши научни мерења. Главната цел на проектот е да се поттикне технолошкиот развој на Хрватска и да се зголеми интересот за астрономијата и вселенските проекти, со развој на СТЕМ-науката и високотехнолошкото претприемништво. Секундарна цел е да се соберат податоци од научниот модул од хрватско производство Астротрон 1000, кој е вграден во „Крокјуб“ и собира податоци за деградацијата на микроелектрониката во услови на висока радијација и екстремни температури.
Фото: принтскрин/јутјуб