Турција постигна голем успех на ПИСА-тестирањето, еве што промени во споредба со претходните генерации
Резултатите на Турција во циклусот на ПИСА-тестирањето (Програма за меѓународна процена на учениците) на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за 2025 година претставуваат приказна за успех која целиот свет би требало внимателно да ја проучи, изјави Андреас Шлајхер, директор на ОЕЦД за образование и вештини, јавува Анадолу.
Според соопштението на Министерството за национално образование на Турција, Шлајхер упати видеопорака во која ѝ честиташе на Турција за постигнувањата во циклусот ПИСА 2025.
Честитајќи им на наставниците и училишните администратори во Турција, тој рече: „Ова што го постигнавте во овој најнов круг од ПИСА-тестирањето на ОЕЦД не е само добра вест за Турција, тоа е приказна на која светот би требало да ѝ обрне внимание.“
Во време кога многу образовни системи се соочуваат со значителни предизвици, Турција се издвојува како една од ретките земји во кои постигнувањата на учениците се подобрени во сите три области, рече Шлајхер, напоменувајќи дека просечните резултати по математика, читање и природни науки пораснале во периодот од 2022 до 2025 година.
Тој истакна дека уделот на учениците со ниски постигнувања значително опаднал од 2015 година, што го покажува успехот на Турција во оспособувањето поголем број млади луѓе со темелни вештини потребни за доживотно учење и идни можности.
Нагласувајќи дека резултатите не се само исход на една успешна година, Шлајхер рече: „Гледаме училиштен систем кој навистина напредува.“
Образованието е област во која земјата креира нацрт за својата иднина, рече тој, додавајќи дека учениците кои денес седат во училниците во Турција ќе ја обликуваат иднината на земјата како инженери, претприемачи, лекари, истражувачи, наставници и јавни службеници.
Шлајхер наведе дека постојат и други причини за оптимизам кога станува збор за образованието во Турција, истакнувајќи дека седум од десет ученици во таа земја наведуваат дека наставниците покажуваат голем интерес за нивниот процес на учење, продолжуваат со објаснување на материјалот сè додека учениците не го усвојат и нудат дополнителна поддршка токму тогаш кога им е најпотребна.
Учениците укажаа на попозитивно опкружување за учење во училниците во споредба со периодот од пред десет години, рече тој, нагласувајќи дека образованието не е само механичка размена во која наставникот пренесува знаење, а ученикот го прима, туку дека станува збор за човечки процес.
Шлајхер додаде дека постојат и охрабрувачки знаци кога станува збор за ставовите на турските ученици кон учењето.
Според податоците од ПИСА-истражувањето, многу ученици покажуваат желба за откривање нови нешта, способни се да истраат и кога ќе наидат на тешкотии и веруваат дека способностите можат да се развиваат преку труд, повратни информации и вежбање, рече тој.
Особините како љубопитност, истрајност, проактивност и менталитет насочен кон развој станаа клучни темели за успех во учењето, работата и животот во свет во кој знаењето брзо се менува, а вештачката интелигенција може да генерира одговори за само неколку секунди, додаде тој.
Осврнувајќи се на резултатите од ПИСА кои покажуваат дека турските ученици со ентузијазам ги користат дигиталните технологии, вклучително и вештачката интелигенција, Шлајхер рече дека владата, препознавајќи го тој потенцијал, го поставила како приоритет решавањето на проблемот со недостигот на уреди, и дека тоа би можело да прерасне во значајна предност за иднината.
Нагласи дека односот меѓу технологијата и учењето зависи од начинот на кој се користи технологијата, додавајќи дека крајната цел на технологијата не би требало да биде само олеснување на процесот, туку оспособување на учениците.
Шлајхер истакна дека претстојната можност лежи во продолжувањето на побрзиот и понатамошниот напредок, со обезбедување секое дете да биде вклучено во тој процес.
- Највредниот природен ресурс на Турција се талентот, имагинацијата и потенцијалот кои денес се наоѓаат во вашите училници - рече тој.
Фото: magnific