Најотпорното суштество во светот би ја преживеало и чернобилската несреќа

Најотпорното суштество во светот би ја преживеало и чернобилската несреќа

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Луѓето за нив знаат веќе 250 години. Но, кога биле откриени како „водни мечки“ во 1773 година од германскиот зоолог Јохан Август Ефраим Гоезе, зоолозите не знаеле за какви неверојатни суштества станува збор. Денес знаеме дека долго живеат и дека постојат 1.150 вида што растат до половина милиметар и имаат неверојатни способности за преживување.

Екстремно високи и ниски притисоци, екстремен студ и топлина, недостиг на воздух, дехидрираност, сето тоа водените мечки може да го преживеат, а од неодамна знаеме дека се во состојба да преживеат дури 1.000 пати повисоко ниво на радијација од другите животни.

Живеат во сите мориња, слатки води и влажни области, на копно, во мов, во олуците и на покривите од куќите. Во неповолни услови видовите што живеат на копно се сушат и се во состојба на вкочанетост, така што можат да преживеат и повеќе години додека условите повторно не станат поволни.

Во 1948 година целосно исушените водни мечки биле потопени во вода, а тие, по 120 години мирување, веднаш почнале да се движат. Во 2007 година научниците ги испратиле во вселената. И таму успеале да преживеат и во првата можност почнале да се размножуваат по катастрофалните услови на вселенската бездна.

bezdna
Фото: Youtube


Имаат четири пара кратки ножиња што завршуваат со мали канџи. Се хранат со билки и животинчиња помали од себе. Кога ќе фатат такво животно, го прободуваат и го цицаат.

Она што досега не беше познато во врска со овие животни е како тие успеваат да преживеат високи нивоа на зрачење. Утврдено е дека можат да преживеат апсорпција од 6.200 Gy (греј). На пример, човекот умира при 5 до 10 Gy, но водните мечки се во состојба да ја поправат штетата на својата ДНК и да се заштитат од радијацијата дури и ако поминат во услови какви што создала чернобилската катастрофа, цели 25 часа.

Научен тим од пет научници од Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Диего велат дека одговорот лежи во тоа што водните мечки во себе го имаат нуклеарниот протеин „Dsup“.

Научниците заклучиле дека „Dsup“ се состои од два дела; едниот што на водните мечки им служи за да се поврзе со кроматин, а другиот кој ги штити клетките од несакани ефекти на изложување на реактивни молекули на радијација. На тој начин овие суштества со тој протеин создаваат „заштитен облак“ околу своите клетки.

И другите способности на нивното преживување се еднакво неверојатни. Тие се во состојба неколку минути да преживеат на температура од 151 степен, 30 години на -20 степени, неколку дена на -200 степени и неколку минути на -272 степени, што е речиси апсолутна нула. Најстарите пронајдени фосили од овие животни датираат од пред 530 милиони години.