Научници ги открија невроните одговорни за заборавањето

Научници ги открија невроните одговорни за заборавањето

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако заборавањето се третира како лоша особина, кога зборуваме за губење на помнењето зборуваме за еден од елементите на здраво функционирање на мозокот. Неодамнешните истражувања открија дека во мозокот постојат посебни неврони задолжени за заборавањето кои настојуваат да ги отстранат сите непотребни информации што се насобрале во текот на денот.

Научниците откриваат дека во текот на одредена фаза од сонот, позната како фаза на брзото движење на очните јаболка (РЕМ), се одвива процесот на заборавање со помош на специфични неврони сместени длабоко во мозокот.

Клучот е во клетките на меланин-концентрирачкиот хормон (МЦХ), познати по улогите во стимулацијата на чувството на глад. Покрај оваа функција, излегло дека МЦХ-клетките активно го контролираат уништувањето на меморијата во текот на РЕМ-фазата на сонот - фаза со која цицачите и птиците се уникатни суштества и која е поврзана со соништата.

Истражувањето е спроведено на мозоци на глувци, каде што се покажало дека за време на РЕМ-фазата биле активни повеќе од 52 отсто од МЦХ-клетките, за разлика од состојбата на будност, каде што биле активни вкупно 35 отсто од овие клетки. Паралелно со ова, научниците укажаа и на тоа дека МЦХ-клетките праќале инхибирачки пораки до хипокампусот - центарот за помнење во мозокот.

Користејќи методи на генетичка манипулација, научниците успеале да ја вклучат и исклучат активноста на МЦХ-невроните. Глувците кај кои МЦХ-клетките биле активни на тестовите за меморија покажале губење на меморијата со текот на времето. На изненадување на научниците, активираните клетки го скратиле времето што глувците го минувале душкајќи нови објекти, во споредба со познатите. Кај глувците со инхибирана активност на МЦХ-клетките сè било спротивно.

Ова истражување би можело да даде одговор и на прашањето кое на сите ни паднало на памет некогаш: Зошто ги забораваме соништата?

- Резултатите од спроведеното истражување покажуваат дека заборавањето на соништата е последица на МЦХ-клетките, кои во текот на фазата на сон работат на активно отстранување на потенцијално непотребните информации - истакнува Томас Килдаф, директор на Центарот за невронаука при американскиот непрофитен научен институт (SRI International).

Улогата на сонот како процес во кој ги забораваме и обработуваме информациите сè уште не е доволно испитана, а ова истражување ќе помогне во разбирањето на состојбата поврзана со помнењето, како што е Алцхајмеровата болест.