Откриен е нов антибиотик - фазолицин

Откриен е нов антибиотик - фазолицин

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нов антибиотик е откриен во почвата на тропските дождовни шуми и неговите уникатни карактеристики би можеле да го направат особено привлечен за употреба во земјоделството.

Познато како фазолицин, ова соединение неодамна беше изолирано длабоко во тропските шуми на Лос Тукстлас, Мексико. Изгледа дека новиот антибиотик може да нападне неколку вида бактерии.

- Резистентноста на антибиотици е огромен проблем и во медицината и во земјоделството, па потрагата по нови антибиотици е многу важна - истакна Константин Северинов, молекуларен биолог и биохемичар при колеџот „Раџерс“ во Њу Бранзвик.

Фото: Science Alert

Пронајден во коренските израстоци на дивиот грав, овој невообичаен антибиотик е произведен од симбиотска почвена бактерија која го врзува азотот за растението и ги држи штетните микроби подалеку.

Симбиотскиот микроб за кој станува збор му припаѓа на видот бактерии Rhizobium, кои формираат израстоци на корените на зрнестите растенија. За разлика од другите Rhizobia бактерии, оваа бактерија исто така произведува и фазолицин (phazolicin).

Антибиотскиот фазолицин е класа на пептид произведен во рибозомот и е дел од разнообразна класа на природни производи со мноштво биолошки примени кои сега почнуваме да ги откриваме.

Користејќи компјутерски и биоинформатички анализи, тимот решил да бара природни генски кластери во геномот на бактеријата на дивиот грав и така во потрагата се појавил фазолицинот.

Не само што овој антибиотик би можел да нападне разновидна група на бактериски клетки, туку авторите утврдиле и дека може да влезе во бактеријата и да се врзе со нејзините рибозоми, мешајќи се во нејзината способност да синтетизира протеини. Ова е втор познат пептид што може да го направи ова.

Јагода на шлагот кога станува збор за потенцијалните антибиотски карактеристики на овој антибиотик е тоа што научниците мислат дека соединението може да биде користено за директно да им помага на растенијата.

- Се надеваме дека ќе покажеме дека бактеријата може да се користи како пробиотик за растенија бидејќи фазолицинот ќе ги спречи другите, потенцијално штетни бактерии, да растат во коренскиот систем на растенијата важни за земјоделството - вели Северинов.