Смртоносен вирус се шири меѓу морските цицачи поради топењето на мразот на Арктикот

Смртоносен вирус се шири меѓу морските цицачи поради топењето на мразот на Арктикот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога на морските видри во Алјаска им бил дијагностициран вирусот „phocine distemper“ (PDV) во 2004 година, научниците биле многу збунети. Патогенот во родот „Morbillivirus“ што содржи вируси како мали сипаници бил пронајден само во Европа и на источниот брег на Северна Америка.

- Не можевме да сфатиме како вирусот од Атлантикот завршил во овие морски брегови. Не е вид што се движи надалеку - вели Трејси Голдстајн, научник на Универзитетот „Дејвис“ во Калифорнија, кој истражува како се движат патогените микроорганизми низ морските екосистеми.

Користејќи податоци од изминатите 15 години, од 2001 до 2016 година, Голдстајн и нејзиниот истражувачки тим биле во можност да видат тренд на зголемување во PDV што соодветствувал со опаѓањето на мразот на Арктикот. Овој нов опсег за видовите веројатно им овозможил на заразените животни да се преселат на запад, на нови територии каде што претходно вирусот не се појавил. Резултатите од истражувањето покажуваат дека климатските промени може да отворат нови патеки за ширење на болестите.

Вирусот „Phocine distemper“ првпат бил откриен во 1988 година во Северна Европа, кога починале 18.000 фоки, повеќето од нив од видот обична фока. Слична појава се случила во 2002 година. Не е јасно од каде потекнува PDV. Некои истражувања сугерираат дека потекнува од Арктикот, но варијации на вирусот можат да се најдат во десетици животни. Локалните ветеринари редовно ги вакцинираат миленичињата против кучешката верзија на вирусот.

2
Фото: NOAA


И кај фоките, исто како и кај кучињата, симптомите на вирусот вклучуваат отежнато дишење, испуштање секрет од носот и очите, треска, а кај морските цицачи чудно пливање. Се шири преку директен контакт или ако животно дојде во директен контакт со заразен измет.

- Се покажа дека вирусот лесно се шири меѓу морските цицачи - вели Шон Џонсон, потпретседател на ветеринарна медицина во Центарот за поморски цицачи во Суасалито, Калифорнија.

Првата епидемија од PDV по американскиот источен брег се случила во 2006 година. Во текот на изминатата година Националната администрација за океани и атмосфера известуваше за она што го опишува како абнормално голем број мртви фоки од Мејн до Вирџинија. Резултатите покажале дека PDV е главниот виновник.

За да се конструира кога и како PDV се шири од Северна Европа до северниот дел на Пацификот крај брегот на Алјаска, Голдстајн и нејзиниот тим пребарувале истражувања и записи за биолошки примероци земени од 2.530 живи и 165 мртви фоки на видови кои минуваат барем дел од нивниот живот на мразот на Арктикот. Потоа разгледале податоци што го покажуваат досегот на морскиот мраз во даден период од годината. Во годините кога морскиот мраз бил слаб, следните години имало зголемување на PDV. 2016 година била последната кога истражувањето покажало податоци. Во изминатите три години мразот на Арктикот продолжил да се намалува.

Морскиот мраз отвора нови миграциски рути за морските цицачи, овозможувајќи им полесно да преминуваат од Атлантикот кон Пацификот преку Арктичкиот круг. Голдстајн вели дека дополнителниот стрес од потребата да бараат храна подалеку може да им го ослабне имунолошкиот систем на животните, правејќи ги поранливи на заболувања.

- Тие патуваат подалеку во потрага по храна. Тоа ќе влијае врз целокупното здравје и тие ќе бидат подложни на заболувања - вели Голдстајн.

Бидејќи многу морски видови годишно мигрираат на Арктикот, тој може да служи како локација за размножување и ширење на болеста.

Болеста допрва треба да се открие во Калифорнија, но Џонсон вели дека тој и другите научници остануваат будни. Постои потенцијал вирусот да се шири на југ. Многу од морските видови во Калифорнија мигрираат на север и се во интеракција со животни во региони каде што била документирана оваа болест.

Може да се вакцинираат некои морски цицачи против PDV, но тоа нема да биде доволно за да се спречи ширење на болеста.

Голдстајн вели дека останува голема неизвесност во врска со болеста и како таа ќе се развива бидејќи климатските промени продолжуваат да го намалуваат Арктикот.

Покрај PDV, Џонсон вели дека ги следат и другите болести што се во пораст како резултат на климатските промени. Лептоспирозата, бактерија што може да се шири од животни кај луѓе, се зголемува како што цутат алгите, инфицирајќи риби со токсин што доведува до оштетување на мозокот кај морските цицачи.

- Треба да бидеме будни и да внимаваме. Може да има големи промени во болестите што се шират - вели Џонсон.