Јужнокорејците создадоа „проѕирен“ фотоапарат без екран
Јужнокорејскиот стартап „Лутра“ го претстави фотоапаратот ХОА А1 (HOA A1) кој наместо екран користи само рамка од своето куќиште и притоа ги сертифицира фотографиите во моментот на снимањето.
Стартапот „Лутра“ од Јужна Кореја лансира марка фотоапарати под називот „Хјуманс оф аутентисити“ (ХОА). Првиот модел на брендот, ХОА А1, го привлече вниманието со специфичниот дизајнерски концепт, досега невиден во категоријата на дигитални фотоапарати, за кој веруваат дека би можел да реши одредени прашања на отуѓеност и да ја зголеми меѓусебната поврзаност на фотографот и субјектот.
ХОА А1 целосно ги отфрла класичниот визир и екранот, кои се типични за класичните фотоапарати. Наместо нив, самата правоаголна рамка на уредот е осмислена да служи како визир. Производителот истакнува дека рамката е дизајнирана низ неа да се гледа со двете очи, со што сцената се бележи точно онолку колку што корисникот ја гледа во просторот. Истовремено, субјектот кој се фотографира може директно да ги види очите на фотографот (доколку му е тоа важно).
Од техничка страна, уредот носи вграден прајм објектив со фокусна должина еквивалентна на 26 мм со отвор на блендата f/1,75. Објективот е впарен со 16-мегапикселен сони-сензор IMX со големина од 1/2,53, па корисниците и покрај големиот отвор на блендата не би требало да очекуваат плитка длабочинска острина. Снимените фотографии имаат резолуција од 4656 x 3104 пиксели, а бидејќи RAW форматот не се споменува, се претпоставува дека записите се исклучиво во JPEG формат.
Потврда за автентичноста на снимките
Покрај специфичната оптика, ХОА А1 става акцент и на докажувањето на изворноста на фотографиите. Секој снимен кадар се сертифицира во самиот момент на снимањето преку дигитален воден печат, со што се обезбедува доказ за автентичност. Уредот тежи 140 грама, додека вградената батерија обезбедува до 8 часа работа во состојба на подготвеност.
Овој необичен фотоапарат сè уште не може да се купи, туку само да се резервира. Првите 100 примероци кај купувачите од првата серија ќе стигнат на 21 декември, а кај другите испораките веројатно ќе стигнат подоцна, доколку воопшто има доволно интерес за проектот да остане во живот. Најавената цена е 289 американски долари.
Фото: принтскрин/инстаграм