НАСА бара нови астронаути за патување до Месечината и Марс, платата е 147.000 евра
НАСА објави конкурс за нова генерација астронаути кои би можеле да учествуваат во идните мисии на Месечината и на Марс. Избраните кандидати ќе добијат можност еден ден да живеат и да работат на Месечината, а годишната плата изнесува 164.395 долари, односно приближно 147.000 евра.
Пријавите се отворени до 3 декември
Раководителот на НАСА, Џаред Ајзакман, истакна дека ова е исклучително возбудлив период за сите што сакаат да ѝ се приклучат на американската вселенска агенција.
- Луѓето што ќе ги избереме би можеле да одат на Месечината, да живеат и да работат во лунарна база и да учествуваат во развојот на системи што еден ден ќе овозможат испраќање човечки екипаж на Марс. За таквите мисии ќе бидат потребни врвно техничко знаење, добра процена, тимска работа и храброст - порача Ајзакман.
Пријавите се поднесуваат преку официјалната веб-страница на НАСА, а рокот е 3 декември до 23:59 часот по источноамериканско време.
Кој може да се пријави?
Кандидатите треба да исполнуваат низа строги услови. Пред сè, мора да имаат американско државјанство и завршени постдипломски студии во една од областите на СТЕМ, односно наука, технологија, инженерство или математика.
Наместо диплома за постдипломски студии, се прифаќаат и најмалку две години докторски студии, диплома од медицински или сродни студии, како и завршена или започната соодветна школа за тест-пилоти.
Од НАСА појаснуваат дека кандидатите на кои школата за тест-пилоти им е единствената дополнителна квалификација мора да имаат и завршено додипломски студии во некоја од областите на СТЕМ, како инженерство, биологија, физика или информатика.
Покрај соодветното образование, кандидатите мора да имаат најмалку три години релевантно работно искуство.
За пилотите важат посебни услови. Тие треба да имаат 750 часа летање со млазни авиони со високи перформанси, вкупно 1.500 часа летање со авиони со фиксни крила, од кои најмалку 750 часа како команданти на авиони, или 1.000 часа летање со хеликоптери, од кои 300 часа како команданти.
Астронаутите ги очекуваат строги физички и психолошки проверки
Покрај стручните квалификации, кандидатите мора да поминат медицински и безбедносни проверки. Од идните астронаути се очекува да бидат во одлична физичка форма бидејќи нивната работа вклучува активности во опасни услови, престој во тесни простори и физички напорни задачи, како кревање тешки товари.
Еднакво важна е и психичката издржливост. Долготрајниот престој во вселената подразбира живот далеку од семејството и пријателите, со ограничена приватност и секојдневие во услови целосно поинакви од оние на Земјата.
- Кандидатите мора да бидат подготвени за престој во вселената од 12 месеци или подолго, што подразбира изразена изолација, скромни животни услови и долготрајна одвоеност од најблиските - предупредуваат од НАСА.
Кандидатите што ќе ги исполнат условите и успешно ќе ги поминат интервјуата ќе бидат повикани на обука што трае околу 2 години. По завршувањето на обуката, НАСА ќе одлучи кои од нив ќе станат дел од нејзиниот астронаутски корпус.
Скот Тингл, главен астронаут и претседател на комисијата за избор на кандидати во Вселенскиот центар „Џонсон“ на НАСА, истакнува дека овој повик претставува многу повеќе од обична деловна можност.
- Ова е можност да станете дел од наследството на истражувачите што ги поместуваа границите на човечкото знаење и да учествувате во мисии што ќе ја обликуваат иднината на човештвото во вселената. Новата генерација астронаути би можела да оствари историски подвизи и истовремено да ги инспирира идните научници, инженери и истражувачи - изјави Тингл.
НАСА избира и обучува астронаути уште од 60-тите години, а досега преку нејзините програми биле избрани повеќе од 370 луѓе.
Колкав е интересот за оваа професија, покажува и последниот конкурс од 2024 година. Тогаш се пријавиле повеќе од 8.000 кандидати, а биле избрани само десетмина.
Извор:
Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube