Ново истражување откри врска помеѓу дневното спиење и деменцијата
Честото дневно преспивање кај постарите лица е поврзано со значително поголем ризик од развој на деменција, покажува нова студија.
Истражувањето укажува на тоа дека навиката за попладневно спиење би можела да биде ран показател за слабеење на когнитивните функции, а не само безопасна навика, пишува „Сајенс алерт“.
Резултати од новата студија
Научниците предводени од психологот Адам Спира од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ анализираа податоци од 995 лица постари од 65 години, прибрани преку долгорочната американска студија за здравје и стареење (NHATS). На почетокот на следењето ниеден од учесниците немаше знаци на деменција. Во текот на просечниот петгодишен период, кај 417 учесници, односно 41,9 отсто, се разви можна или веројатна деменција. Откако ги зедоа предвид возраста, полот, образованието и разните здравствени навики, истражувачите утврдија дека лицата што преспиваат секој ден или речиси секој ден имаат 48 отсто повисока стапка на деменција во споредба со оние што не го прават тоа.
Слично на тоа, ненамерното преспивање е поврзано со 39 отсто повисок ризик. Анализата објавена во списанието „Џурналс оф геронтолоџи“, покажа и дека пократкиот одмор, до 30 минути, носи 40 отсто поголем ризик од деменција во споредба со лицата што не спијат денски.
Двонасочна врска
Важно е да се нагласи дека студијата не докажува дека преспивањето предизвикува деменција. Врската е веројатно посложена и би можела да биде двонасочна.
- Почестото преспивање би можело да биде показател за промени во мозокот, а не нужно нивна причина која води до деменција - вели Спира.
Со други зборови, невролошките промени што ги слабеат когнитивните функции можат истовремено да предизвикаат и зголемена поспаност. Во тој случај, честото преспивање не е причина, туку симптом на постојните промени во мозокот.
Влијание на ноќниот одмор
Дневното преспивање често служи како надомест за лош ноќен сон, но тоа исто така може да го наруши ноќниот одмор. Истражувачкиот тим ги зеде предвид и тие фактори. Во анализата ги приспособија податоците за да го исклучат влијанието на времетраењето на ноќниот сон, дневната поспаност и ризикот од апнеа. Резултатите покажаа дека врската помеѓу честото, ненамерното и кратко преспивање со ризикот од деменција и понатаму остана статистички значајна.
Потенцијален показател за ризик
Иако природата на оваа врска сè уште не е целосно разјаснета, научниците се надеваат дека понатамошните истражувања ќе дадат конкретни одговори. Доколку поврзаноста се потврди, следењето на навиките за преспивање би можело да стане корисна алатка во превенцијата на деменцијата.
- Доколку идните докази ја потврдат причинско-последичната врска, дневното преспивање би можело да стане уште еден променлив ризик-фактор во примарната превенција на деменција кај постарите лица - наведуваат истражувачите. - Дури и ако врската не е причинско-последична, навиките за преспивање можат да послужат како корисен показател за идниот ризик од деменција. Тоа би помогнало во насочувањето на превентивните студии кон групи со висок ризик - заклучуваат во трудот.
Фото: magnific