Пол Макартни има 1,4 милијарди долари, еве како стана третиот најбогат музичар во светот

Пол Макартни има 1,4 милијарди долари, еве како стана третиот најбогат музичар во светот

По шест децении откако пееше дека „парите не му се премногу важни“ и дека „можеби нема многу да понуди“, Макартни пееше, тужеше, возвраќаше со тужби, настапуваше на турнеи и работеше напорно за да стекне богатство од 1,4 милијарди долари. Сепак, со години од „Битлси“ заработуваше многу помалку отколку што би претпоставиле, а многу повеќе благодарение на изведувачи од кои веројатно не би го очекувале тоа. Ова е класична приказна за тоа како уметноста и трговијата можат да одат рака под рака.

Растејќи во работничкиот Ливерпул, разорен од војната, Пол Макартни забележувал дека возрасните се постојано загрижени како да врзат крај со крај. „Јас ќе го решам тоа“, едноставно одлучил. „Ќе се обидам да заработам пари“. Така во дневната соба почнал да пишува рокенрол-песни. Основал мал бенд и се фрлил на работа. Сепак, додека битлманијата го освојуваше светот, четворицата момци од Ливерпул заработуваа релативно малку. Наводно, според договорот со дискографската куќа, добивале помалку од еден цент за секој продаден албум. Нивниот издавач Дик Џејмс ги контролирал авторските права на текстовите и мелодиите што ги создавал бендот. „Испадна дека тоа беше договор за ропска работа“, напиша Макартни во есеј за Форбс во 2017 година. „Без оглед на тоа колку успешно ја развивавме компанијата, не добивавме покачување“.

Самостоен пат


Затоа Макартни одлучи да тргне по самостоен пат. Во 1969 година, неколку месеци пред распадот на бендот, ја основа сопствената издавачка компанија МПЛ комјуникејшнс за да ги контролира издавачките права за своите соло-проекти и правата на оригиналните снимки. Со тоа си обезбеди значително поголем дел од идните приходи од авторски надоместоци. Почна да купува и авторски права на песни од други изведувачи. Тоа се случи децении пред да дојде до процут на пазарот на музички каталози, што доведе до вртоглав раст на нивната вредност. Го купи каталогот со песни на пионерот на рокенролот Бади Холи. Купуваше партитури за бродвејски мјузикли. Купуваше безвремени божиќни хитови.

Денес Макартни незабележливо седи на вистинска планина од приходи од авторски права на музика. Кога и да ја пушти некој песната Blue Suede Shoes или кога некоја средношколска театарска група го изведува мјузиклот „Брилјантин“, Макартни добива пари. МПЛ, која поседува права на илјадници песни и остварува десетици милиони долари годишен приход, денес е најголемиот деловен потфат на Макартни. Вредноста на компанијата се проценува на најмалку 250 милиони долари.

Човекот кој го купи Божиќ


Колекцијата на песни на Макартни опфаќа авторски права на десетици божиќни класици. Еве пет најпознати празнични песни чии права ги поседува сер Пол:

„It’s Beginning to Look a Lot Like Christmas“
„The Christmas Song (Chestnuts Roasting on an Open Fire)“
„Wonderful Christmastime“
„Blue Christmas“
„Baby, It’s Cold Outside“

Во меѓувреме, сер Пол (84) со децении работи и на тоа „Битлси“ да си вратат поголем дел од приходите од сопствениот музички каталог. По многубројните тужби, преговори и повторни преговори со дискографските куќи кои ги поседуваат правата на снимките на бендот, холдинг-компанијата на групата „Епл корпс “ сега остварува повеќе од 50 милиони долари годишно од стриминг на музика, продажба на винили и производи со мотиви од „Битлси“. Пол, Ринго и наследниците на Џон и Џорџ добиваат по 25 отсто од тој износ. Тоа претставува извор на приход за кој „Форбс“ проценува дека на секој од нив му носи повеќе од 150 милиони долари.

Уште попознат извор на приход за Макартни претставува неговиот удел во авторските права на песните на „Битлси“ што тој ги компонирал. Тоа е своевиден свет грал на музичкото издаваштво. Откако во текот на претходните две децении се избори да ги врати своите права на американскиот пазар, тие права денес му носат најмалку 10 милиони долари годишно. Нивната вредност се проценува на најмалку 200 милиони долари.

Богатство

Кога ќе се соберат вредноста на неговите музички каталози, приходите од авторските надоместоци што ги наплатил, стотиците милиони долари што ги заработил на светските турнеи, недвижностите во Велика Британија и во Хемптонс, како и уметничката колекција во која се наоѓаат дела од Пикасо и Магрит, се доаѓа до процена дека богатството на Макартни изнесува најмалку 1,4 милијарди долари.

Тој е третиот најбогат музичар во светот, зад Тејлор Свифт, чие богатство се проценува на две милијарди долари, и Џеј-Зи, со 2,8 милијарди долари.

Извор: forbes