Зошто Швеѓаните не зборуваат со странци?

Зошто Швеѓаните не зборуваат со странци?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во многу култури разговорот со странците е задолжителен и може да доведе до пријателство. Но, тоа не важи за Швеѓаните.

Таму прикажувањата се сметаат за залудни и се нарекуваат „kallprat“ (студен разговор) или „dödprat“ (мртов разговор). За да не се најдат во таква ситуација, многу Швеѓани станале уметници во избегнувањето на контактот со очите со непознати лица и познајници на кои би можеле да наидат на улица, а тоа го прават гледајќи во своите телефони или во излозите. На Швеѓаните целта на разговорот им е размена на значајни информации, а занимавањето со бесмислено прикажување едноставно не им е интересно.

Посетителите на Шведска што ќе се обидат да започнат неформален разговор со продавач или келнер, дури и со локалниот поздрав „хеј“, веројатно ќе наидат на „хеј“ како одговор, често со назнака дека се иритантни.

Експертите велат дека до оваа резервираност на Швеѓаните можеби дошло затоа што Шведска е слабо населена земја во релативно пространиот предел, при што луѓето се навикнале ретко да разговараат со оние што се надвор од нивниот непосреден круг.

Друга претпоставка е дека таа аверзија кон муабетењето би можела да се поврзе со релативно ниското ниво на имиграција во Шведска до 60-тите години. Минималната изложеност на други култури историски значела дека за Швеѓаните било помалку веројатно дека ќе ја прифатат оваа нешведска практика.

Сепак, покрај својата навидум студена надворешност, Швеѓаните речиси секогаш ќе бидат љубезни и пријателски настроени, иако на еден поразличен начин од луѓето што им припаѓаат на култури во кои повеќе се муабети.

Во оваа земја едноставно е најдобро да не разговарате без причина.

Извор: B92
Насловна фотографија: Pixabay