Бакарот стана новото злато - еве зошто цените рушат рекорди
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Цената на бакарот е речиси 11.500 долари за тон, достигнувајќи нов историски максимум откако со овој метал се тргува на Лондонската берза на метали. За растот придонесоа слабиот долар, загриженоста за снабдувањето и намалените резерви во складиштата.
Цената на бакарот во референтните тримесечни договори на берзата на крајот на тргувањето изнесуваше 11.487,5 долари за тон. Тоа е за 3,07 отсто повеќе отколку претходниот ден, надминувајќи го рекордот поставен само два дена порано од 11.252 долари по тон.
Скокот го поттикнаа нарачки од Јужна Кореја и Тајван, што доведе до најголемо повлекување на резерви од складиштата на берзата од 2013 година. Вкупните резерви сега изнесуваат 162.500 тони.
Од почетокот на годината цената на бакарот порасна за околу 30 отсто
Во јули американскиот претседател Доналд Трамп најави 50 отсто царини на увоз на бакарни производи, што предизвика пад на цените во САД и влијаеше врз светските пазари. Иако Вашингтон подоцна се откажа од царините, трговците продолжија да создаваат резерви во САД, што придонесе за дополнителен раст на берзата Комекс во Њујорк.
Растот дополнително беше засилен од несреќи во неколку големи рудници. Во септември рудникот „Грасберг“ во Индонезија беше поплавен, при што загинаа тројца рудари, а компанијата објави дека не може да ги исполни обврските. „Грасберг“ е втор најголем рудник во светот со 3 отсто од глобалното производство. Рудникот „Ел Тениенте“ во Чиле престана да работи откако се урна тунел и загинаа шест работници. Рудникот годишно произведуваше околу 400.000 тони бакар.
Според процена на консултантската куќа БМИ, во 2026 година побарувачката за бакар ќе ја надмине понудата за повеќе од 400.000 тони, наместо претходно предвидуваните 72.000 тони.
Стравувањата ги зголемуваат и најавите за намалување на производството од големите рударски компании. Зголемената побарувачка би можела дополнително да ги подигне цените бидејќи економската активност е посилна од очекуваното.
Бакарот е важна суровина во индустријата, електрониката, електричните мрежи и градежништвото.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik